
Земјоделците продаваат зелка за 4 денари, компир за 14, а пипер за 20 денари за килограм, додека потрошувачите во маркетите плаќаат многу повисоки цени. Анализите покажуваат дека најмал дел од крајната цена завршува кај производителите. Македонските земјоделци со години го поставуваат истото прашање – како е можно зелката да се откупува за 4 денари, а потрошувачот да ја плаќа по 30 денари за килограм во маркетите? Поради тоа, производителите остануваат без заработка, додека граѓаните плаќаат високи цени за храната.
– Компирот се откупува по 14 денари за килограм, доматот по 25 денари, пиперот по 20 денари, а зелката за само 4 денари за килограм. Во исто време, истите производи во маркетите достигнуваат значително повисоки цени. Пиперките се продаваат од 80 до 100 денари за килограм, доматите чинат околу 100 денари, а зелката се продава по 30 денари за килограм. Се поставува прашањето каде исчезнува разликата во цената од нивата до маркетот. Откупувачи, дистрибутери, транспортери, трговски синџири – секој од нив додава свој трошок и своја заработка, а земјоделците остануваат најслабата алка во системот – изјави за „Локално“, Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа.
Тој додава дека особено проблематичен е периодот на масовна берба, кога понудата е голема, а откупувачите ги диктираат цените. Во такви услови производителите немаат многу избор и се принудени да го продадат родот по цената што ќе им биде понудена, без оглед дали таа е исплатлива или не.
– Проблем не е само ниската откупна цена, туку и огромната разлика меѓу цената што ја добива производителот и цената што ја плаќа потрошувачот. Поради тоа сметаме дека е потребна поголема транспарентност во формирањето на цените и контрола на трговските маржи – додава Каракашев.

Ѓорѓи Каракашев; Фото: Јутјуб/Принтскрин/Поткаст
Од Националната земјоделска мрежа сметаат дека последиците од ваквиот систем веќе се чувствуваат. Сѐ повеќе земјоделци се откажуваат од производството, обработливите површини се намалуваат, а државата станува сѐ позависна од увоз на храна. Парадоксот е што и покрај ниските цени што ги добиваат производителите, граѓаните не чувствуваат олеснување во своите семејни буџети.
Прашањето е како е можно земјоделецот да продава зелка за 4 денари, а потрошувачот да плаќа повеќекратно повисока цена. Одговорот лежи некаде во синџирот меѓу нивата и маркетот – токму таму каде што се создава најголемиот дел од вредноста, но и најголемите разлики во цените.
Иако статистиката покажува дека цените на земјоделските производи во мај годинава се повисоки за 6,7 проценти во споредба со истиот месец лани, земјоделците тврдат дека овој раст не се чувствува во нивните приходи. Напротив, производителите предупредуваат дека откупните цени за дел од градинарските култури остануваат на многу ниско ниво и честопати не ги покриваат ниту основните производствени трошоци.
Токму затоа земјоделските здруженија бараат поголема контрола на трговските маржи, поефикасна примена на Законот за нефер трговски практики и мерки за заштита на домашното производство. Според нив, најголемиот дел од додадената вредност не завршува кај производителите, туку кај посредниците во синџирот на снабдување.
Б.С.