Во Европската куќа во Струмица во саботата се одржа настанот „Жените во музичката уметност низ вековите: од невидливост до глас“, посветен на улогата, придонесот и видливоста на жените во музичката култура.

Настанот беше реализиран во рамките на истоимениот проект, чија цел е да поттикне јавна дебата за историската маргинализација на жените во музиката, но и за нивното современо присуство во уметноста, образованието и културниот живот.

На настанот учествуваа диригентката Ангела Рајчиноска, оперската пејачка и музиколог Даница Станојоска, фолклористката и книжевница Сузана Мицева и поетесата Катерина Панов-Кожаров, додека модератор на разговорот беше Ана Витанова-Рингачева.

Преку работилница, презентација и отворена дискусија беа обработени теми поврзани со застапеноста на жените во музичката историја, нивната позиција на современата музичка сцена, улогата на образованието и присуството на женските гласови во јавниот културен простор.

Како дел од проектните активности беше подготвен и дигиталниот прирачник „Од невидливост до глас“, наменет за ученици, студенти, наставници, млади уметници и пошироката јавност. Прирачникот има за цел да поттикне критичко размислување за музичкото наследство, родовите стереотипи и потребата од поголема видливост на жените во културата и уметноста.

Организаторите најавија дека проектот ќе продолжи со два концерти, кои ќе се одржат на 29 јуни во Штип и на 30 јуни во Скопје.

Настанот е поддржан во рамките на проектот „Култура за развој“, финансиран од Владата на Швајцарија, а имплементиран од Хартефакт Фонд. Проектот има за цел да го поддржи независниот културен сектор во земјата преку културата и уметностите како простор за критичко размислување, општествен дијалог и соработка меѓу културните институции.

ФОТО: Димитар Рингачев

The post „Од невидливост до глас“: Во Струмица се говореше за улогата и видливоста на жените во музичката уметност appeared first on Radio StrumicaNet.