Струмичанката Тина Русева ќе биде дел од жирито во тимските дуели („Teamfights“) на „The Voice of Germany“. Тина на социјалните мрежи објави дека заедно со другите членови на жирито ќе одлучува кои натпреварувачи ќе се пласираат во полуфиналето на германското музичко шоу. Во оваа фаза гласаат поранешни учесници во натпреварот.
„Драго ми е што можам баш јас да гласам затоа што точно знам што треба и како се осеќав кога бев на истата сцена“, напиша Тина. Таа се заблагодари за довербата да биде една од претставничките на генерацијата од 2025 година и порача дека со нетрпение очекува да ги слушне новите таленти.
Русева е млада пејачка од Струмица која живее во Леверкузен, Германија. На аудиција на „The Voice of Germany“ во 2025 година настапи со „Do It Like a Dude“ од Џеси Џеј и ги освои сите ментори. Како дел од тимот на Нико Сантос, победи во дуел со уште две натпреварувачки и се пласираше во „Teamfights“, каде што ја изведе „Killing Me Softly With His Song“.
Во јануари годинава Тина го освои првото место на „The Voice of Europe 2025“, онлајн музички натпревар на кој доби силна поддршка од публиката. Во февруари, на „Златна Бубамара на популарноста“, го доби признанието „Најперспективна млада пејачка“ и ја изведе „Не ме допирај“ од Маја Оџаклиевска. /Р.Ѓ./
The post Од натпреварувачка до членка на жирито: Струмичанката Тина Русева се враќа во „The Voice of Germany“ appeared first on Radio StrumicaNet.