Јавното обвинителство за организиран криминал на Србија побара од Министерството за правда без одложување и со особена итност да ја достави целокупната документација поврзана со помилувањата на 49 лица за кои претходно во јавноста информираше тогашниот претседател на Србија, Александар Вучиќ, објавија српските медиуми.

Барањето е упатено до Секторот за нормативни работи и постапки за помилување при Министерството за правда, со цел да се проверат јавно достапните информации и изјавите на Вучиќ за помилувањето на 49 лица.

Обвинителството бара информации дали пред Министерството за правда биле покренати постапки за помилување без поднесување молба, односно по службена должност, во согласност со Законот за помилување.

Доколку такви постапки биле покренати, Министерството треба да достави податоци за тоа на кои конкретни лица и на кои кривични постапки се однесуваат помилувањата. Особено се бара да се утврди дали меѓу помилуваните има обвинети во активни постапки пред Обвинителството за организиран криминал и Посебното одделение за организиран криминал при Вишиот суд во Белград.

Обвинителството побарало и целокупна расположлива документација, вклучително и целата преписка меѓу Министерството за правда и кабинетот на тогашниот претседател на Србија, поврзана со подготовката на одлуките за помилување.

Во барањето се опфатени и актите на министерот за правда за покренување постапки за помилување по службена должност, неговите образложени мислења, како и документацијата и образложените мислења на надлежните судови и јавните обвинителства за оправданоста на помилувањата.

Доколку Министерството за правда не располага со бараната документација, обвинителството бара да ги образложи причините поради кои таа не е изготвена, како и да објасни на кој начин биле иницирани и спроведени постапките за помилување.

Побарано е Министерството да ги достави и самите одлуки за помилување, доколку ги поседува, објави Н1 повикувајќи се на соопштението на Обвинителството за организиран криминал.