
Со изведување материјални докази денес продолжи судењето против судијата Ѓоко Ристов, кому му беа најдени 350.000 евра, a кои според Обвинителството ги стекнал со трговија со влијание, противправно стекнување имоти перење пари.
Обвинителката Искра Хаџи Василева на судењето ги приложи анкетните листови од Државната комисија за спречување на корупцијата за промена на имотната состојба на обвинетиот судија и неговата сопруга.
-Обвинетиот поднел два анкетни листа, едниот во 2008 година како судија во основен кривичен суд Скопје еден и навел имот само на тогашната сопруга Ангелина Ристова, и тоа 200 акции од компании и 800.000 денари депозит. Вториот aнкетен лист е од 2021 година како судија нa апелационен суд. Како сопственик имот пријавил стан во населбата Аеродром и возило „пасат“. Навел возило „опел астра“ на сопругата Симона Зориќ Ристова, која е вработена во Државното правобранителство. Пријавил кредит на сопругата од 1,5 милион денари, рече обвинителката.
Таа појасни дека сопругата Симона Зориќ Ристова поднела анкетен лист во кој ги спомената претходнонаведените возила и станот во Аеродром, а кредитот сега на име на сопругот Ѓоко.
-Дала изјава за интереси дека е член на управен одбор на Менада културен центар, и нејзината мајка Весна Зориќ, член на управен одбор на болницата во Тетово. Пријавила кредит од 5 милиони денари од Охридска банка. Кредит за купување стан во Охрид, кој бил сопственост на Албанија комерц, а купувач бил нејзиниот татко Ивица Зориќ. Ѓоко Ристов и Симона Зориќ Ристова биле кокредитобаратели, рече обвинителката.
Таа објасни дека Љупчо Пецов од Алма комерц го овластува судијата Ристов да го застапува друштвото и станот да биде гарант за кредитот кој го зел таткото на неговата сопруга Ивица Зориќ, а полномошник на Ивица Зориќ, кој е купувач на станот, била неговата ќерка Симона, сопруга на Судијата.
Судот го одби барањето на одбраната да не се изведуваат докази од фотографии и снимки од претресот направен во куќата на родителите на судијата Ристов во Неготино, каде во ѕид во кујната зад плочките беа пронајдени 350.000 евра.
Потоа Обвинителството презентираше фотографии и снимки од пронајдените пари кои биле во 13 пакувања. Таму имало 610 банкноти во апоени од 200 и 500 евра.
Обвинителката презентираше докази од претресот во куќата во Неготино, која е на два ката со два засебни влеза. Во подрумските дел е најдена глет маса и лепак.
-На прашањето чии се материјалите таткото рекол дека можеби ги донел синот Ѓоко, рече обвинителката.
Таа појасни дека претресот е прекинат за да може таткото на обвинетиот судија да пружи нега на неговата мајка.
-Претресот е продолжен следниот ден каде е забележано нерамномерно кај плочките и дека се лепени, при што е преминато кон нивно кршење и каде се најдени парите спакувани во алуминиумски фолии. На прашањето чие е ова, таткото одговорил можеби се на синот, тој го користи овој дел. На прашањето кој син, таткото одговорил Ѓоко судијата, рече Обвинителката Хаџи Василева.
Е.Б.