Основното јавно обвинителство Гостивар отвори истражна постапка против три лица поради сомнение за тешки дела против животната средина и загадување на водата за пиење, по случајот со масовното труење во Гостивар. Осомничени Артана Асани в.д. директорка на ЈП „Комуналец“ – Гостивар, Леон Нуредини, раководител на Сектор за технички работи, и раководителот на Одделението за водовод, канализација и градежни работи Вадедин Дервиши, кои, според Обвинителството, наредиле поставување потопни пумпи во канал со загадена вода во близина на комората за вода за пиење.

Според истрагата, поради тоа дошло до мешање на загадена вода со водата од водоснабдителниот систем, што ја направило небезбедна за употреба. Анализите на Институтот за јавно здравје покажале дека водата од каналот содржела околу 48 пати повеќе колиформни бактерии од максимално дозволеното, а загадување било утврдено и во примероци од водоводната мрежа. Обвинителството соопшти дека поради високата микробиолошка загаденост водата станала неупотреблива за пиење и за друга употреба.

Министерот за здравство Сашо Клековски информираше дека досега се регистрирани 3.150 здравствени контакти поврзани со затруената вода, а четири лица биле хоспитализирани и веќе се пуштени на домашно лекување.
Осомничените се лишени од слобода, а јавен обвинител во текот на утрешниот ден ќе одлучи какви мерки за нивно обезбедување ќе предложи пред судот.

Во меѓувреме, градоначалникот на Гостивар Валбон Лимани соопшти дека директорката и дел од раководството на „Комуналец“ се суспендирани, додека премиерот Христијан Мицкоски порача дека морална одговорност треба да понесат сите инволвирани. За денес е најавен брифинг на Основното јавно обвинителство Гостивар, на кој ќе присуствува и државниот јавен обвинител Ненад Савески.

The post Обвинителството отвори истрага против тројцата уапсени за загадувањето на водата во Гостивар appeared first on Прва Скопска ТВ.