Министерот за правда Јетон Шасивари и заменик-министерот Ален Деребан одржаа работна средба со претседателката на Основниот кривичен суд Скопје, Даниела Димовска, како и со судиите-поротници, на која беа разгледани нивните барања и проблемите со кои се соочуваат при извршувањето на својата функција.

Главен акцент на разговорите бил ставен на висината на надоместоците за судиите-поротници, но и на предизвиците поврзани со нивното ангажирање во судскиот систем.

На средбата било посочено дека судиите-поротници имаат важна улога во судството, бидејќи преку нивното учество се обезбедува вклучување на граѓаните во вршењето на судската власт, како и поголема транспарентност и доверба во правосудниот систем.

Министерот бил информиран дека Судскиот совет во јуни 2026 година доставил иницијатива за измена на Правилникот за надоместоците на судиите-поротници од 2018 година, со која се предлага зголемување на средствата што им следуваат.

Како еден од најголемите проблеми било наведено недостигот на судии-поротници, што создава потешкотии во работата на судечките совети и може да влијае врз навременото решавање на судските предмети.

Од Министерството за правда велат дека ќе ги разгледаат доставените предлози и ќе работат на изнаоѓање решенија со кои ќе се обезбеди поефикасно функционирање на судскиот систем и соодветно вреднување на улогата на судиите-поротници.

The post Новиот министер за правда се сретна со претседателката на Основниот кривичен суд Скопје appeared first on Прва Скопска ТВ.