Познатиот музичар Шон Диди Комбс кој во моментот се наоѓа во федералниот затвор во Њу Џерси, би можел да се соочи со нови тужби за сексуален напад во Калифорнија. Канцеларијата на окружниот обвинител на округот Лос Анџелес во понеделникот потврдила дека против 56-годишниот Комбс е покрената нова кривична истрага, и тоа во моментот кога тој се обидува да ја оспори федералната пресуда, пишува британски „Дејли мејл“.

Венус Д. Дан, шефица за комуникации на канцеларијата на окружниот обвинител, изјавила дека Полициската управа на Лос Анџелес и Одделот на шерифот на округот Лос Анџелес одделно ги доставиле резултатите од своите истраги за тврдењата на една наводна жртва. Таа додала дека случајот во моментот се разгледува.

Наводната жртва е познатиот публицист Џонатан Хај, кој во јули 2025 година поднел и граѓанска тужба против Комбс. Во тужбата, во која увид имал „Дејли мејл“, Хај тврди дека раперот сексуално го нападнал. Тој поднел и полициска пријава истата година, наведувајќи дека Комбс сексуално го нападнал во 2020 година, а потоа повторно во 2021 година.

Според пишувањето на американскиот портал ТМЗ, кој прв објави за истрагата, Хај ја поднел пријавата во својот роден град Ларго во Флорида, но случајот бил префрлен во Лос Анџелес бидејќи наводните злосторства се случиле таму.

Во граѓанската тужба Хај тврди дека бил ангажиран за да помогне во ремиксот на песна снимена од Кристофер Волас, попознат како Ноториус Б.И.Г., кој беше убиен во пукотница во 1997 година на 24-годишна возраст.

Хај работел на проектот Биџи смалс со својот син, Си-Џеј Волас, кој исто така е наведен како тужител. Во тужбата се тврди дека Волас учествувал во заговор со кој наводно „му овозможил или му помогнал на Комбс“ во извршувањето на сексуалниот напад.

Според тужбата, Комбс, кој бил близок пријател и соработник на Волас, дошол во студиото во септември 2020 година во текот на снимањето. Наводно, тој ја критикувал музиката и го охрабрил Хај да земе кетамин за таа да звучи подобро. Хај тврди дека потоа отишол со Комбс и дел од неговата придружба до магацин во Лос Анџелес каде што се чувала облеката на Ноториус Б.И.Г. пред да биде донирана во Куќата на славните на рокенрол.

Во тужбата се наведува дека Хај останал сам во собата со Комбс, кој наводно мастурбирал на маицата на својот покоен пријател. Потоа Комбс наводно му наредил на Хај да го деведе до оргазам, ејакулирал на маицата и ја фрлил кон Хај, велејќи: „Почивај во мир, Б.И.Г.“.

Хај понатаму во тужбата тврди дека ситуацијата ескалирала во март 2021 година, кога Комбс наводно го зграпчил за глава и го принудил на орален секс против негова волја. Публицистот тврди дека тоа искуство го довело до самоубиствени мисли.

Претставниците на Комбс не одговориле веднаш на барањето за коментар. Тој претходно ги негираше сите обвиненија. Во ноември 2025 година, Џонатан Дејвис, адвокатот на Комбс во граѓанските парници, издал генерален демант како одговор на тужбата на Хај.

„Како што правниот тим на г-дин Комбс повеќепати изјави во текот на повеќе од една година, тој не може да одговори на секое неосновано обвинение во она што стана медиумски циркус. За да биде сосема јасно, г-дин Комбс категорично ги негира како лажни и клеветнички сите обвинувања дека некого сексуално злоставувал. Тој се радува на одбраната на суд, каде што ваквите прашања се решаваат, врз основа на валидни и материјални докази, а не само шпекулации и неосновани обвинувања“, рекол Дејвис.

Во изјавата за „Дејли мејл“ во понеделникот, Хај се нарекол себеси личност што го преживеала злоставувањето на Комбс и рекол дека „фактот дека неговите болни искуства се слушнати и потврдени од полицијата на Лос Анџелес и канцеларијата на окружниот обвинител на округот Лос Анџелес е неоспорна пресвртница“.

– Овој напредок претставува значајна победа во мојата борба за целосна одговорност. Убеден сум дека правдата ќе биде задоволена и дека одговорноста ќе биде спроведена до крај – рекол Џонатан Хај.

Новата истрага во Лос Анџелес доаѓа откако Комбс беше прогласен за виновен во федералниот суд по две точки од обвинението за организирање проституција. Меѓутоа, поротата го ослободи од најтешките обвиненија за рекетирање и трговија со луѓе со цел сексуална експлоатација.