Европската Унија воведе денеска санкции за двајца ирански функционери и една организација поради нивната улога во потезите што Брисел ги смета за закана за слободата на пловидбата на Блискиот Исток, вклучувајќи ги и активностите поврзани со Ормутскиот Теснец.

Советот на Европската Унија соопшти дека санкциите се донесени во рамките на проширената правна рамка за мерки против лица и субјекти вклучени во иранските активности кои ја загрозуваат слободата на пловидбата.

На листата на санкционирани се најдоа Мохамад Акбарзаде, портпарол на морнаричкиот огранок на Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ), како и покраинската команда на ИРГЦ во Хормозган.

ЕУ исто така го санкционираше и Хамид Хосеини, претставник на иранското здружение на извозници на нафта, гас и петрохемиски производи.

Според одлуката на Советот на ЕУ, на сите санкционирани лица и организации им се замрзнува имотот на територијата на Европската Унија, а забрането е директно или индиректно ставање на финансиски средства или економски ресурси на нивно располагање.

За физичките лица опфатени со санкциите воведена е и забрана за патување во земјите членки на Европската Унија.

Санкциите доаѓаат во моменти на засилени тензии околу Ормускиот Теснец, една од најважните светски поморски рути за транспорт на нафта и течен гас, низ која минува значаен дел од глобалната трговија со енергенти.