Европската комисија усвои нова доброволна повелба која на стартапите, како и на малите и средните претпријатија, треба да им овозможи тестирање на производите во водечките европски лаборатории. Целта е да се скрати времето потребно за пристигнување на иновациите на пазарот и на компаниите да им се олесни користењето на врвните истражувачки капацитети, објави Комисијата во средата. Оваа иницијатива е дел од напорите на Европската Унија да ја зајакне својата конкурентност во однос на глобалните предводници како САД и Кина, пишува „Еуроњуз“.

Европската комесарка за стартапи, истражување и иновации Екатерина Захариева изјави: „На иновативните компании во Европа им е потребна врвна инфраструктура за да развиваат и тестираат идеи и побрзо да ги пласираат своите иновации на пазарот. Ги повикувам истражувачките и технолошките инфраструктури да ја поддржат Повелбата и да ги промовираат нејзините принципи“, додаде Захариева.

На помалите компании често им недостасуваат информации за услугите што ги нудат истражувачките инфраструктури, како и за цените за пристап. Во Комисијата наведуваат дека тој проблем најмногу ги погодува токму нив, бидејќи поголемите компании ги имаат ресурсите потребни за сналажење во сложените или нетранспарентни договори.

Повелбата се заснова на шест принципи. Тие вклучуваат поголема видливост и достапност на услугите, стандарди за транспарентност и квалитет, поедноставни договори и безбедно управување со интелектуалната сопственост. Се поттикнува и прилагодена поддршка за компаниите и поблиска соработка меѓу инфраструктурите во размената на податоци.

Истражувачките и технолошките инфраструктури се повикани официјално да ја поддржат Повелбата со пополнување онлајн-образец. Комисијата најави дека спроведувањето ќе го поддржи со вебинари, настани и заедничка база на податоци во која организациите ќе можат да споделуваат примери за добра практика.

Повелбата е дел од Стратегијата на ЕУ за стартапи и брзорастечки компании (scaleup). Со таа стратегија Унијата сака да се позиционира како водечка светска дестинација за основање и раст на технолошки компании. Воедно, таа ја надополнува пошироката стратегија на ЕУ за истражувачки и технолошки инфраструктури, а се заснова на постојната Европска повелба за пристап до истражувачките инфраструктури.