
Француските градови се подготвуваат за масовни протести на кои денеска би требало да излезат стотици илјади луѓе, а вработените во јавниот сектор најавија штрајк. Ова е нов тест за претседателот Емануел Макрон, пет месеци пред претседателските избори, откако повеќенеделните немири станаа сериозен проблем за неговата влада, пишува „Ројтерс“ (Reuters).
Протестите ги организираа синдикатите, меѓу кои е и левичарскиот ЦГТ (CGT), а поддршка им дадоа и студентските здруженија. Повод се високите трошоци за живот, како и состојбата во јавните служби и образованието — проблеми кои неодамна доведоа до најтешките граѓански немири во Франција во последниве години.
Властите се настојуваат да спречат повторување на насилството откако на 17 октомври немирите и грабежите ги изненадија безбедносните сили. Тогаш ширум земјата беа оштетени продавници и јавни згради, што предизвика остри критики на сметка на начинот на кој Макрон управува со кризата.
„Исклучително сме претпазливи бидејќи не доаѓа во предвид повторно да го преживееме 17 октомври“, изјави портпаролката на владата Мод Брежон (Maud Bregeon) на конференција за медиумите по вчерашната седница на кабинетот. Француските власти планираат да распоредат околу 70.000 полицајци ширум земјата. Според проценките на домашната разузнавачка служба, на протестите надвор од Париз би можеле да им се приклучат меѓу 500.000 и 700.000 луѓе.
Министерството за образование објави дека во основните училишта се очекува штрајк на 17,5 отсто од наставниците. Синдикатите истовремено предупредуваат на можни прекини и застои во железничкиот и јавниот превоз. На денешните протести ќе им се приклучат и студентите. Како клучни причини за загриженост ги наведуваат лошите услови во училиштата и растечката неизвесност за нивната иднина.
„Се обидуваме да одржиме што е можно повисоко ниво на мобилизација. Некои луѓе не учествуваат бидејќи се плашат. Многумина се плашат од полициско насилство“, рече Ирма де Банвил (Irma de Banville), 19-годишна студентка од Париз. Француската влада ја брани полициската тактика, но исто така порачува дека секоја злоупотреба на овластувањата ќе биде истражена.
Свикувањето на состанокот за одбрана и безбедност, кој Макрон го одржа во средата, покажува дека движењето се претвори во поширок предизвик за неговата власт. Сè започна со незадоволството на студентите поради лошите услови во училиштата и недостигот од можности за младите.
„Целта во следните недели е реката што се изли да се врати во своето корито и да се влезе во претседателските избори во што е можно помирни услови“, рече функционер близок до Макрон. Тој додаде дека оваа недела се блокирани помалку средни училишта отколку на почетокот на кризата.
Протестите што се одржаа минатата сабота ширум земјата беа главно мирни, со само неколку помали судири. Настрана од тоа, политичката атмосфера останува напрегната. Кандидатите веќе се позиционираат за изборите, а опозициските партии се обидуваат да го искористат незадоволството на граѓаните од животниот стандард и владината политика.
Државната компанија ЕДФ (EDF) соопшти дека на денешниот штрајк планираат да им се приклучат и синдикатите од енергетскиот сектор. Претходниот штрајк во тој сектор во средината на септември ја намали испораката на електрична енергија и го ограничи капацитетот на испорака на Динкерк ЛНГ (Dunkirk LNG), најголемиот француски терминал за течен природен гас.