
Производителот на луксузни спортски автомобили Порше под притисок на кризата планира да укине уште 5.000 работни места во погоните кај Штутгарт. Погодени се матичната фабрика во Цуфенхаузен и развојниот центар кај Вајсах.
Управата на компанијата во понеделникот, на 27 јули, соопшти дека со работничкиот совет договорила загарантирано вработување до 2035 година. Укинувањето на работните места ќе се спроведе по природен пат, преку заминување на вработените во пензија и со пакети за доброволно заминување и предвремено пензионирање.
Во преговорите учествуваа и синдикатот на металските работници, како и здружението на работодавачи од металската индустрија на југозападот на Германија.
Сите германски производители на автомобили и добавувачи во автомобилската индустрија се во криза поради растот на трошоците, падот на конкурентноста, американските царини и посилната конкуренција на најважниот пазар – кинескиот.
Управата на Порше преку реструктурирањето сака да ги намали трошоците и да ја врати конкурентноста.
Таканаречената програма за иднината вклучува инвестиција од 2,1 милијарда евра која, меѓу другото, треба да обезбеди задржување на производството и развојот во Германија. Финансирањето на таа инвестиција Порше делумнo планира да го обезбеди преку штедење.
Додека компанијата има намера делумно да се придржува до планираниот раст на платите според колективниот договор до 2035 година, божиќните бонуси ќе ги намали, а останатите бонуси тесно ќе ги поврзе со деловниот успех.
Новиот круг на укинување работни места следува по најавата за укинување на околу 1.900 работни места од февруари минатата година, исто така во Штутгарт, со уште 500 во Лајпциг. Покрај тоа, според тој план, Порше ќе остави околу 2.000 договори на определено време да истечат – без нивно обновување.
На крајот на 2024 година Порше во матичниот Штутгарт вработуваше околу 22.200 луѓе, а една година подоцна околу 20.600. Глобално, компанијата на крајот од минатата година на платен список имаше речиси 41.800 луѓе.
Тие бројки беа прилагодени на подоброто работење во споредба со она од изминатите неколку години. Продажбата во 2025 година со 279.400 единици беше најслаба од пандемиската 2020 година.
Работењето беше особено лошо во Кина, а тој trend не само што се задржа, туку и се заостри во оваа година.
Стрмоглавиот пад на продажбата дојде во период за кој Порше планираше зголемување на производството на 350.000-400.000 автомобили. Наместо тоа, се прилагодува на производство од најмногу 250.000 единици.