Руските сили во текот на ноќта кон понеделникот извршија низа напади врз неколку украински региони. Во ударите во Запоришката, Сумската и Днипропетровската Област загина еден цивил, а најмалку 12 лица се повредени. Нападите се извршени со водени бомби и со дронови, пишува „Kyiv Post“.

Најтешките последици се забележани во градот Запорижје, каде што руска водена бомба уништи семејна куќа. Регионалните власти потврдија дека загина 67-годишен маж. Спасувачите по повеќечасовна потрага од урнатините извлекоа 22-годишник кој е пренесен во болница, а лекарите проценуваат дека ќе се заздрави.

Во одвоен напад, руски дрон погоди стан во станбена зграда и притоа рани 53-годишна жена и 52-годишен маж. Итните служби, полицијата и пиротехничарите се сè уште на терен.

Русија врз општината Суми фрли најмалку седум водени авионски бомби. Повредени се петмина цивили, но според официјалните информации никој не е во животна опасност. Во нападите се оштетени куќи, цивилна инфраструктура и возила, а проценката на штетата е во тек.

Во градот Днипро напад со дрон предизвика пожар во приватна куќа. Ударниот бран оштети прозорци на околните згради, автомобили и една продавница.

Украинското воено воздухопловство објави дека противвоздушната одбрана во текот на ноќта соборила 15 руски дронови над Днипропетровската Област. Властите сè уште проверуваат дали има жртви во самиот регионален центар.

Ноќните удари следуваа по нападот врз Запорижје во неделата, на 26 јули. Тогаш руските водени бомби погодија бензинска пумпа и станбени населби, при што загина едно лице, а шестмина беа повредени.

Оваа низа напади се случува во време кога претседателот Володимир Зеленски предупреди на критичен недостиг од ракети за противвоздушна одбрана. Тој нагласи дека на Украина тие ракети ѝ се неопходни за одбрана од сè почестите руски балистички напади и дека залихите дополнително се намалени поради судирите на Блискиот Исток.