
Во центарот на Скопје денеска се одржа протестниот марш против фемицидите, организиран по трагичното убиство на 17-годишната Билјана Кириќ од Богданци. Под мотото „Ниту една повеќе!“, граѓаните излегоа на улиците барајќи правда, институционална одговорност и конкретни мерки за спречување на насилството врз жените.
Со транспаренти „Не бараме сочувство, бараме одговорност“ и „Истата полиција, истите институции, истите пропусти“, демонстрантите порачаа дека фемицидот можел да биде спречен. Тие потсетуваат дека Билјана претходно пријавувала насилство и дека имала изречена судска мерка за заштита, но институциите затаиле и не успеале да го спречат убиството.
Организаторите бараат целосна и транспарентна истрага за случајот и утврдување одговорност за секој институционален пропуст. Бараат јавноста да добие одговори за тоа кој постапил, кој не постапил и зошто изостанала соодветната заштита на 17-годишната девојка.
Меѓу барањата се и итно доставување и усвојување на измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, кои се поднесени во Собранието во август, како и враќање на поимот „род“ во сите закони, упатства и програми од кои бил отстранет. Организаторите бараат и разрешување од јавни функции и раководни позиции на лицата кои го оправдуваат или нормализираат насилството врз жените.
Главната порака на учесниците е дека не се доволни изразите на сочувство по секоја трагедија, туку се потребни навремена институционална реакција, одговорност и ефикасна заштита за ниту една жена повеќе да не го загуби животот поради насилство.