Премиерот Христијан Мицкоски денеска порача дека Владата имаат план и стратегија и дека одат кон тоа. Ова следува откако претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за утре најави средба со бугарската колешка Илијана Јотова во Софија и порача дека дијалогот и гаранциите се клучни за евроинтеграцијата.

-Ние не сме чудотворци и никогаш не сме ветувале чуда. Секој кој што ветува чуда, лаже и не ја говори вистината пред граѓаните. Ние само ветувавме напорна работа и тоа го правиме. Ова што денеска го зборував, го зборував и во изборната кампања и ќе го зборувам и понатаму. Мора работите да се постават на здрава основа, за генерациите после нас да немаат главоболки како што имаме ние. Работиме чесно и напорно, рече денеска Мицкоски од поставување на камен-темелник за доградба на Основното општинско училиште „Димитар Беровски“ во населба Хром, Општина Ѓорче Петров.

Премиерот вели дека не знае што може да очекува од утрешната средба во Софија.

И министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, деновиве исто така најави интензивирање на контактите со бугарските власти, нагласувајќи дека дијалогот е неопходен во актуелниот политички контекст.

„Немаме алтернатива освен европската интеграција. Очекуваме фер решение за билатералниот спор“,изјави Муцунски.

Овие активности се случуваат по самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват и по средбите со високи европски претставници, што укажува на засилен интерес од ЕУ за придвижување на процесот.