Во јавноста деновиве се отворија повеќе прашања за реализацијата на проектот „Водоснабдување на Гостивар II – SECO II“, вклучително и во прилогот на ТВ Телма објавен на 26 јули 2026 година. Со оглед на сериозноста на состојбата со водоснабдувањето и оправданата загриженост на граѓаните, ЈП „Комуналец“ Гостивар има обврска да ги соопшти фактите со кои располага и јасно да ги разграничи надлежностите на сите институции и субјекти вклучени во проектот – се вели во соопштение на ЈП „Комуналец“ – Гостивар.

„Јавната и медиумската проверка на проект од вакво значење е неопходна. Но оценката дека проектот во целина „пропаднал“ не може да се изведе без увид во одобрениот проектен опфат, договорите, изведените и тестираните работи, документацијата за примопредавање и причините поради кои одредени делови сè уште не се целосно оперативни. Токму овие факти се неопходни за јавноста да добие точен одговор што е реализирано, што останува да се заврши и кој е надлежен за секој од преостанатите чекори.

Проектот беше финансиран со поддршка од Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања – SECO и Германската развојна банка – KfW. Градежните и техничките работи не ги изведуваше ЈП „Комуналец“, туку договорно ангажирани изведувачи, согласно одобрена проектна документација и под двоен стручен надзор.

Според документацијата и информациите со кои располага ЈП „Комуналец“, околу 98 проценти од предвидените работи се реализирани и тестирани. За изведените активности постојат технички записи, извештаи и видеодокументација. Поради тоа, не е основано целиот проект да се прикажува како нереализиран или како инвестиција без резултат.

За целосно оперативно поврзување на системот останува да се изведат работи на околу 600 метри од трасата, на дел за кој е неопходна согласност од Јавното претпријатие за државни патишта. Иако барањето за согласност е поднесено пред околу две години, таа сè уште не е издадена. Без ова одобрение, не постои законска можност да се продолжи со изведбата на тој дел од трасата.

Овој факт е суштински за разбирање зошто системот сè уште не е целосно ставен во функција. Затоа е потребно јасно да се разграничи изведбата на проектот од административните и институционалните пречки што го одложуваат неговото завршно поврзување.

ЈП „Комуналец“ не ја оспорува потребата од целосна проверка. Напротив, претпријатието е подготвено на надлежните институции, ревизорските тела и истражните органи да им ја стави на располагање документацијата со која располага. Доколку постои сомневање за пропуст, неизвршена обврска или ненаменско трошење средства, тоа треба да се утврди во стручна и законска постапка, со прецизно утврдување на одговорноста на секој учесник во проектот.

Во момент кога граѓаните со право бараат сигурно водоснабдување и јасни одговори, најважно е јавната дебата да се води врз основа на документирани факти, а институциите да се насочат кон отстранување на преостанатите пречки и целосно ставање на системот во функција.

ЈП „Комуналец“ Гостивар ќе продолжи навремено да ја информира јавноста за сите натамошни активности“ – се вели во соопштението на ЈП „Комуналец“ – Гостивар.

Според прилогот на ТВ Телма, 7. 132.000 евра се потрошени за проектот за реновирање на водоводот во Гостивар и институционално зајакнување на Јавното комунално претпријатие „Комуналец“. Писмото за намери до кое дошла Телма открива дека општината побарала финансиска помош од Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања СЕКО и Германската развојна банка, а дел од парите ги обезбедила и самата Општина Гостивар уште во 2016. година.

Општината Гостива и Комуналец се согласиле да учествуваат во проектот со 682 илјади евра, додека од СЕКО биле обезбедени повеќе од четири и пол милиони евра. Германската банка учествувала со скоро 2 милиони евра.

И покрај тоа што проектот требало да започне во 2016 година неговото започнување било одложено поради парламентарните и локалните избори во 2017, по што во 2018 година се започнати техничките работи.

Писмото е потпишано од тогашниот градоначалник Невзат Бејта и директорот на Комуналец, Мемедали Џафери но проектот бил реализиран во време додека Арбен Таравари беше градоначалник по победата во 2017. година.

Извори од Комуналец за Телма брифирале дека дел од проектот никогаш не бил реализиран додека дел и покрај тоа што бил пуштен во употреба никогаш не профункционирал.

Токму поради тоа што проектот е половично изведен, хидрауличното зонирање и управување со притисокот не можело да се изведе, а тоа резултира со постојан недостиг на вода и нееднаков притисок во некои делови од општината, изјавиле за Телма вработени од Комуналец кои добро се запознаени со работата на системот.

Нa сите прашања поврзани со проектот одговорила и Швајцарската Амбасада.

„Длабоко жалиме за настаните во Гостивар и сакаме да изразиме искрено сочувство до засегнатите лица. Проектот започна во декември 2016 година и заврши во декември 2023 година. Сите компоненти на проектот финансирани од нашите придонеси се завршени, а проектот е предаден на јавното комунално претпријатие на Гостивар. Од декември 2023 година не сме вклучени во интервенции/инвестиции во системот за водоснабдување, бидејќи работењето и одржувањето се во надлежност на јавното комунално претпријатие“ – се вели во одговорот од Швајцарски државен секретаријат за економски прашања (SECO).

Во меѓувреме, гостиварското Јавно обвинителство потврди дека се води истрага во која е вклучено и финансиското работење на ЈП „Комуналец“ – Гостивар, за што е побарана обемна докуемнтација од повеќе институции.

СЕ ВРШИ И ФИНАНСИСКА ИСТРАГА НА ГОСТИВАРСКИОТ „КОМУНАЛЕЦ“ Обвинителството побара обемна документација

 

The post НИ ОСТАНАА САМО 600 МЕТРИ ОД ТРАСАТА, ДВЕ ГОДИНИ ЧЕКАМЕ СОГЛАСНОСТ ОД ЈПДП Гостиварски Комуналец објаснува зошто не е завршен швајцарскиот проект за водоснабдување „Гостивар II – SECO II“ appeared first on plusinfo.mk.