Полициските службеници се присутни на терен и постапуваат по сите пријави поврзани со последиците од невремето, во координација со останатите надлежни институции, информира Министерството за внатрешни работи. Се преземаат мерки за обезбедување на безбедноста на граѓаните, расчистување на последиците и непречено одвивање на сообраќајот и другите јавни функции.

Според МВР, најголеми последици од невремето се регистрирани на подрачјето на СВР Скопје, каде до 22 часот вчера се евидентирани 117 оштетени патнички моторни возила, 35 оштетени покриви, 189 паднати дрвја, седум оштетени семафори, пет пожари и 10 повредени лица.

Дополнително, оштетени се повеќе објекти од витално значење, меѓу кои објектите на ОЈО ГОКК, комплексот „Вили Водно“, Аеродромската полициска база Петровец, објектот „Нова Македонија“, како и објектите на Министерството за финансии, Министерството за земјоделство и Јавното обвинителство. Истовремено протекол Скопскиот аеродром.

На подрачјето на СВР Куманово пријавени се 9 оштетени возила и 3 оштетени кровови.

На подрачјето на СВР Тетово евидентирани се 5 настани, од кои 3 оштетувања на патнички моторни возила и 2 оштетувања на кровови, додека на подрачјето на Гостивар нема пријавени оштетувања ниту повредени лица.

На подрачјето на СВР Велес пријавени се две оштетувања на патнички моторни возила предизвикани од паднати дрвја.

На подрачјето на СВР Струмица пријавени се паднати електрични столбови во селата Доброшинци и Градошорци, како и прекин на снабдувањето со електрична енергија во селото Свидовица.

На подрачјето на СВР Битола не се регистрирани значителни последици. Само на подрачјето на ПС Македонски Брод е забележан краткотраен силен ветер, без пријавени материјални штети или паднати дрвја.

На подрачјето на СВР Штип регистрирани се 14 оштетувања на патнички возила и 6 оштетувања на кровни конструкции.

Во рамки на Регионалниот центар за гранични работи Север, најзначајни последици се регистрирани на ГП Меѓународен аеродром Скопје, каде поради протекување на кровот беше предизвикан прекин на работењето на излезот од државата во траење од околу час и половина.

Во Транзитниот центар Табановце се регистрирани оштетувања на дел од привремените објекти за сместување на мигранти (шатори и помошни објекти), како и паднати дрвја без предизвикана материјална штета.

Според прогнозата на УХМР, до петок под влијание на серија на влажни и нестабилни воздушни маси, времето ќе биде променливо облачно и наместа нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално, процесите ќе бидат во форма на краткотрајно невреме проследено со силен ветер и изолирана појава на град.

Во петок ќе има пообилни врнежи од дожд. Поради продор на постудена воздушна маса од север температурата значително ќе опадне.