Италијанската премиерка Џорџа Мелони ја критикуваше неусогласеноста на Европската Унија во преговорите за прекин на војната во Украина и побара лидерите на земјите членки да се договорат кој ќе ја претставува Унијата на преговарачката маса, се наведува во нејзиното писмо до претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, во кое АФП (AFP) имаше увид во четвртокот.

Мелони предупреди дека низата состаноци во различни формати, без јасен договор за улогата на ЕУ, остава впечаток на неодговорност и ја нарушува веродостојноста на европските напори.

Како примери ги наведе неодамнешните разговори во Мајами и Осло, како и овогодишните состаноци во Брисел, на кои учествуваа претставници на Украина, САД, европските земји, НАТО и ЕУ. Го спомена и телефонскиот разговор на лидерите на Норвешка и Финска со рускиот претседател Владимир Путин.

Според нејзините зборови, ваквиот пристап оди во корист на оние што сакаат продолжување на војната. Затоа побара лидерите на ЕУ на состанокот во Даблин овој месец да расправаат за тоа кој ќе ја застапува Унијата и со какви овластувања, а конечната одлука да ја донесат на самитот во декември.

Таа нагласи дека притоа не бара посебна улога за Италија или за себе.

Коста во одговорот ја поддржа потребата од единствен и усогласен настап на ЕУ, истакнувајќи дека интересите на Унијата треба да ги застапуваат нејзините институции. Тој најави дека оваа тема ќе ја стави на дневниот ред на следниот состанок на европските лидери.

Мелони уште на почетокот на годината предлагаше именување посебен пратеник на ЕУ за преговорите за Украина, но таа иницијатива не заживеа. АФП потсетува дека европските земји веќе подолго време се обидуваат да го зголемат своето влијание во американските дипломатски напори за прекин на војната, додека Вашингтон последниве недели повторно ги интензивира преговарачките активности. Американските официјални лица следната недела во Абу Даби би требало да се сретнат со претставници на Русија и Украина.