Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел во овој момент ќе ги прекине нападите врз Иран, но нагласи дека конфликтот со Техеран и Хезболах не е завршен и дека неговата земја ќе продолжи да реагира на секој напад врз својата територија.Во видеообраќање, Нетанјаху посочи дека по иранските напади врз Израел наредил израелската армија да изврши удари врз воени и економски цели низ Иран.„Во моментов огнот на овој фронт е запрен, бидејќи по ударите врз режимот во Техеран тој престана да нè напаѓа“, изјави израелскиот премиер.Тој предупреди дека доколку Иран повторно нападне, одговорот на Израел ќе биде силен и решителен.Нетанјаху оцени дека Иран и Хезболах денес се послаби отколку кога било, додека Израел е посилен, но додаде дека борбата против нив сè уште не е завршена.Според него, израелската армија ќе продолжи со операциите во јужен Либан со цел уништување на инфраструктурата на Хезболах во безбедносната зона.Израелскиот премиер истакна дека истите ставови ги пренел и до американскиот претседател Доналд Трамп, кој во последните денови повикуваше на деескалација за да се зачуваат дипломатските напори меѓу Вашингтон и Техеран.„Израел има целосно право на самоодбрана и ќе го користи тоа право секогаш кога ќе биде потребно“, порача Нетанјаху.