„Не ни треба нов партиски речник, туку нов морален завет. Тој завет почнува од трудот“, рече лидерот на СДСМ, Венко Филипче во обраќањето на 32. конгрес. Под мотото „Твоја држава – твоја шанса“, партијата добива нова идеолошка платформа и програмска рамка на делување, базирани на шест столбови, документи кои ќе ги дефинираат идните политички насоки и приоритети на социјалдемократите.

Филипче најави засилен притисок кон власта, од која се бара јасен државен план за преговорите со ЕУ, притоа, истакнување дека времето за изговори е истечено. Тој најави и обединување на прогресивните сили.

-Европската унија испрати силен сигнал дека Западниот Балкан е дел од Европа, а процесот на проширување станува по практичен. Треба да го искористиме моментот бидејќи историјата не нè чека и не смееме да останеме политичка провинција, рече Филипче.

Граѓани кои се борат со скапотија и корупција, застој во институциите и конфузија во стратешките прашања. Власта зборува за стабилност, а произведува несигурност. Она што е опасно, како што кажа Филипче е што целата слабост се прикрива со националистичка реторика. Лидерот на СДСМ рече дека ќе се држат до суштината на социјалдемократијата: правда наместо привилегија, солидарност наместо страв, фер оданочување, силни институции наместо партиска држава и европска иднина наместо националистичка магла.

За дел од јавноста ова е конгрес во кој „село гори, а баба се чешла“. Според екс-министерот за одбрана и политички аналитичар, Лазар Еленовски, ова претставува неверојатно ниво на неодговорност и отсуство на реалност за партија која е во слободен пад и во повеќегодишна агонија. Уште повеќе, како што вели, за партија која била еден од столбовите на македонската државност и која сега би требало да се соочи и пресмета со „продолжената агонија на нашето општество бидејќи Македонија повторно доби ненародна и корумпирана власт што не дозволува развој на државата“.

-Пред се, Конгресот да прогласи вонредна состојба во СДСМ. Веднаш по историскиот дебакл на парламентарните избори во текстот „СДСМ во егзистенцијална криза“ од 22 јуни 2024 напишав дека резултатот самиот јасно кажува дека е дојдено време за темелна реформа во партијата, а за тоа да се случи треба да се преземат вонредни мерки. Со прогласувањето на вонредната состојба треба да се формира вонредно тело од истакнати членови и симпатизери за да ја спроведе неопходната реформа во партијата. Основата на тоа тело зошто да не бидат самите основачи на партијата, иако дел од нив, за жал не се повеќе меѓу нас. Кој впрочем има поголемо политичко и морално право и одговорност од нив, посочува Еленовски.

Според екс-функционерот, основна задача на тоа вонредно тело, со мандат од шест месеци, би биле два основни процеси, прво, да го изменат вмровскиот Статут на СДСМ и на наредниот Конгрес да предложат нов Статут, и второ, преку статутот да создадат амбиент СДСМ да спроведе најдемократски можни избори во партијата по кои новото или староновото раководството би имало целосен авторитет и демократски легитимитет, наместо сегашната октроирана, а со тоа и потчинета позиција во која се наоѓаат.

Лазар Еленовски – Фото: Принтскрин/Јутјуб

„Денес СДСМ има строгоцентрализиран Статут, по примерот на ВМРО-ДПМНЕ во кој претседателот има апсолутна моќ и со укази може да ги назначува скоро сите функционери во партијата. Во последните 20 години сите промени на Статутот само го одалечуваа СДСМ од своите изворни социјалдемократски принципи и начела. Времињата кога имаше демократски битки за претседател на ОО СДСМ, па и за ЛК на СДММ се далечно минато. На тој начин се искривија вредностите, завладеа медиокритетството и се изгуби силата на теренот. Резултатот од таа илузија е очигледен во денешната состојба во партијата. Новиот Статут треба да овозможи значајно ниво на децентрализација на моќта и враќање на социјалдемократските начела, принципи и морални вредности или во најмала рака да изгледа како Статутот на СДСМ од 1990-тите“, нагласува Еленовски.

Според аналитичарот, во најголем интерес на СДСМ би требало да биде партијата да спроведе вистински демократски избори наместо сегашните фингирани „за цело членство“ онлајн избори со севернокорејски резултати во кои никој не верува, а цела јавност се смее.

-Со таков легитимитет на лидерот (за кој и самиот тој е свесен), резултатите се однапред познати, а на изборите видовме дека веќе се и заверени. СДСМ треба да организира широки демократски избори по примерот на американските партиски избори, во кои повеќето кандидати ќе имаат реално време за внатрепартиска кампања и дебата, во кој демократскиот процес ќе го даде вистинскиот победник. Тоа во суштина ќе биде најголема победа за партијата и создавање на реална основа и можност тоа во иднина да овозможи победа и во државата. На тој начин, партијата до крајот на годината би добила целосна промена, нов лик, нова енергија и целосен легитимитет. Тогаш, тој нов СДСМ ќе може да понуди една нова програмска платформа која ќе биде обединувачка сила за цел опозициски фронт против оваа власт, оценува Еленовски.

Соговорникот смета дека „неспремноста за реформа и самозалажувањето за единството во партијата со капацитет кој пред две години беше 150 000 гласови, пред една 125 000, а најверојатно на наредниот изборен тест 100 000 гласови, иако потенцијалот е 250-300 000, се знае на чие конто ќе оди“.

-Како што се знае и дека тоа ќе го плати токму ова и вакво СДСМ. Наша граѓанска одговорност е да не дозволиме тоа повторно да го плати Македонија, тврди Еленовски.

Од ВМРО-ДПМНЕ вчера се огласија со реакција за конгресот на нивните партиски ривали. Велат дека СДСМ до толку немаат капацитет да создадат нешто свое, па се навикнати на крадење.

„Ако порано крадеа логоа и слогани од други странски држави и партии, сега почнаа од нас да ги крадат. Во прилог фотографии од слогоата и логоата на ВМРО-ДПМНЕ и СДС на нивниот партиски конгрес“, соопштија од владејачката партија за пораката од опозициската партија.

Н.П.