Обвинителката Искра Хаџи-Василева смета дека тактиката на одбраната на обвинетиот судија Ѓоко Ристов, на кому му беа најдени 350.000 евра заѕидани во куќата на неговите родители во Неготино, преку изјави од професори да се преиспитува правната норма по која е обвинет, е немање правна култура. Таа по денешното рочиште, на кое одбраната изведуваше материјални докази, меѓу кои и правно мислење од професорот Гордан Калајџиев, рече дека денес станало модерно да се дава правно мислење под плаштот на академски авторитет.

-Денес беа изведени материјални докази на одбраната, меѓу кои и јазични толкувања правни мислења, кои ги даваат професори под плаштот на академски авторитет, модерно стана да се даваат толкувања. Во суштина тоа го симнува нивото на правната култура кај нас, бидејќи правно и професионално немаат никаква тежина и значење и да го врзуваат за фактите и доказите. Правните мислења дадени како нечиј авторитет не го обврзуваат судот и навистина е несериозно да се користат овој тип на докази кои во суштина и не се докази, изјави обвинителката.

Таа рече дека за Обвинителството било забележливо дека се критикува правна норма од Кривичниот законик, која во овој даден момент одамна е усвоена во македонското право и усвоена по усогласување на нашето законодавство со конвенциите.

-А сега некој самата норма ја ословуваат како контроверзна. Тоа е едно од забележливите работи и токму тоа правно мислење ќе биде анализирано од Обвинителството во завршниот збор, рече обвинителката Хаџи-Василева.

Според правното мислење од проф. Калајџиев кој одбраната го читаше во судница, како што појасни адвокатот Звонко Давидовиќ, судиите не подлежат на кривично дело за кое е обвинет судијата Ристов, туку само јавни службеници во јвани институции и установи.

Е.Б.