
Либерално-демократската партија реагираше на Предлог-законот за реализација на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, оценувајќи дека самиот закон не е спорен, но дека проблем претставува можноста, како што велат, да се користи за нетранспарентно трошење на јавните средства и за фаворизирање при јавните набавки.
Од партијата посочуваат дека европската практика познава посебни законски решенија за вакви проекти, но предупредуваат дека во домашни услови тие лесно можат да бидат злоупотребени.
„Не е проблем законот за ‘Скопје 2028’. Проблем е кога тој се претвора во алатка за местење тендери, криење од јавноста и концентрирање на моќта во неколку партиски раце“, наведуваат од ЛДП.
Според нив, со предложените решенија се отвора простор за трошење јавни средства без доволно контрола и отчетност.
„‘Скопје 2028’ заслужува да биде европски проект, а не уште една шема за партиски профит“, стои во реакцијата на партијата.
Претседателката на ЛДП и пратеничка Моника Зајкова, во објава на социјалните мрежи, оценува дека предложениот закон предвидува значителни финансиски средства и исклучоци од вообичаените процедури.
„Над 21 милион евра јавни пари, концентрирани овластувања, сопствени правила за набавки и сè тоа по скратена постапка, без јавна дебата и без антикорупциска анализа. Не е проблем што се носи закон за ‘Скопје 2028’. Проблем е што повторно се прави закон по мерка на власта, а не по мерка на јавниот интерес“, наведува Зајкова.
Таа додава дека, според неа, предложените законски решенија доаѓаат по измените на Кривичниот законик и предупредува дека проектот „Скопје 2028“ треба да се реализира во согласност со принципите на транспарентност и јавен интерес.