
По стечајната постапка за српската Алта Банка и одземената дозвола за работа, гувернерот на Народната банка, Трајко Славески информираше дека НБ ја презеде контролата врз Алта банка Битола, со цел заштита на билансот и интересите на штедачите. Според Славески, ова е времена мерка се воведува поради случувањата со акционерот со квалификувана учество.
Воведувањето на администрацијата, според Славески, значи дека управувањето со имотот на банката преминува во надлежност на лица именувани од Народната банка.
Со цел зачувување на имотот на банката, во следните денови ќе важат одредени ограничувања за плаќање од сметките на клиентите на банката. Определен е неделен лимит за одлив од сметките на физичките лица во износ од десет илијади денари кој што може да се користи со картичките издадени од банката. Ограничувањето е за вкупното неделно користење на средствата преку картичките, а не само за парите подигнати од банкомат.
За правните лица, односно фирмите, според гувернерот, можат да вршат плаќања во рамките на сметките на банката.
-Според сите расположливи информации, од почетокот на оваа криза за белградската банка, нема приливи во Македонија, онака како што беа шпекулации кои што придонесоа за уривање на банката во Белград, рече Славески на денешната вонредна прес-конференција.
Гувернерот информира дека до вчерашниот ден, од битолската Алта банка биле подигнати околу 2 милиони евра во готовина и преку други трансфери. Тој соопшти и дека максималното времетраење на привремените мерки, според донесената одлука, е три месеци, но очекува состојбата да се разреши порано.
-Би сакале уште еднаш да нагласиме дека овие мерки се воведени со цел да се заштитат имотот и интересите на штедачите на Банката. Во оваа смисла, нагласуваме дека како и досега кредитокорисниците треба да продолжат навремено да ги исполнуваат своите обврски кон Банката, додаде гувернерот.