
Народната банка ќе организира бесплатен превоз за клиентите на „АЛТА банка“ АД Битола од Прилеп, Охрид и Ресен кои имаат платежна сметка, но не располагаат со платежна картичка, соопштија денеска од централната банка.
Според информациите од Народната банка, организираниот превоз ќе се реализира утре, 7 ноември, од овие три града директно до филијалата на банката во Битола и назад. Целта на оваа мерка, како што појаснуваат од институцијата, е да им се овозможи на граѓаните без картички полесен пристап до средствата на своите сметки и непречено подигнување на готовина. Враќањето до местата на живеење ќе се реализира дури откако сите присутни клиенти ќе ги подигнат своите средства.
Од централната банка го објавија и деталниот распоред за поаѓање кон Битола. Тргнувањето од Прилеп е закажано за 10 часот од плоштадот „Методија Антонов-Ченто“, поточно пред „Реклами“. Во 11 часот е предвидено поаѓањето од Охрид, од градската автобуска станица, додека граѓаните од Ресен ќе тргнуваат во 12 часот од локацијата кај маркетот „Кипер“.
Дополнително, во официјалното соопштение од Народната банка се потсетува дека од понеделник, 9 ноември, ќе бидат отворени и шалтерите на банката во Тетово и Струмица. На овие локации, граѓаните кои немаат платежни картички ќе можат да подигнат готовина во износ до 20.000 денари.