Најмалку 18 лица загинаа во земјотресот со јачина од 7,1 степен според Рихтеровата скала, кој вчера ја погоди Јапонија.

Се очекува бројот на жртвите да се зголеми, бидејќи многу лица сè уште се водат како исчезнати по силниот потрес што ја погоди префектурата Кумамото, на јужниот остров Кјушу.

Земјотресот достигна интензитет Шиндо 7, највисоко ниво на јапонската скала за сеизмички интензитет, соопштија локалните власти.

– Изразувам најдлабоко сочувство до семејствата на загинатите – изјави јапонската премиерка Санае Такаичи, додавајќи дека владата ќе ги ангажира сите расположливи ресурси за да спаси што е можно повеќе луѓе, објави „Japan Times“.

Таа најави дека во најтешко погодените подрачја ќе бидат испратени храна, вода и други неопходни залихи.

Според локалните власти, најмалку 62 лица се повредени, од кои шест се во тешка состојба.

Без електрична енергија останале речиси 34.900 домаќинства, додека околу 15.000 се без водоснабдување. Повеќе од 8.800 жители ги напуштиле своите домови и се сместени во над 400 привремени засолништа.

Најмалку четири лица загинаа при уривање на трговски центар во градот Кашима, откако силна експлозија ја уништила зградата.

Властите ја истражуваат можноста несреќата да била предизвикана од експлозија на гас, бидејќи спасувачките екипи пријавиле мирис на гас во објектот, пишува „Japan Times“.

Стотици спасувачи, меѓу кои припадници на Јапонските сили за самоодбрана, пожарникари и полицајци, продолжуваат со потрагата по преживеани.

The post НАЈМАЛКУ 18 ЗАГИНАТИ ВО РАЗОРНИОТ ЗЕМЈОТРЕС Расте бројот на жртви, илјадници Јапонци без струја и вода appeared first on plusinfo.mk.