Професорката по право Мирјана Најчевска остро реагираше по јавната поддршка што ја доби поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, кој својот 49. роденден го прослави во куќен притвор додека против него се води истрага за случајот „Државна лотарија“.Во објава на социјалните мрежи, Најчевска го коментираше транспарентот поставен кај плоштадот „Скендербег“ со пораките „Среќен роденден кралу“ и „Кралот е назад“, како и честитките што Груби ги доби од негови поддржувачи.„Како да изградиме правна држава кога на мнозинството граѓани независно од етничката припадност идоли им се криминалци? Тие не сакаат право. Сакаат држава во која ќе бидат криминалци кои не се казнуваат. Тоа е врвот“, напиша Најчевска.Груби е осомничен во предметот за Државна лотарија, во кој Обвинителството го товари за проневера на 8,2 милиони евра. По 14 месеци поминати во Косово, тој неодамна се врати во земјава, по што беше приведен и спроведен во затворот „Скопје“ во Шутка.Во притвор помина само неколку часа. Откако посочил дека не се чувствува безбедно во затворот, со одлука на судија на претходна постапка му беше определена мерка куќен притвор.Основното јавно обвинителство сè уште нема соопштено дали против поранешниот вицепремиер ќе биде поднесен обвинителен акт. Истрагата останува во тек.