Новите судири меѓу Соединетите Американски Држави и Иран го поттикнаа растот на цените на нафтата на 87 долари за барел, европските берзански индекси се во плус, додека пазарите ја очекуваат одлуката на американските Федерални резерви за каматните стапки, како и извештаите за заработката на големите технолошки компании „Мајкрософт“, „Мета“ и „Квалком“.

Цената на северноморската нафта Брент скокна во утринските часови за околу 3,8 отсто, на повеќе од 87 долари за барел, додека американската WTI нафта поскапе за околу 3,7 отсто и надмина 82 долари за барел, пренесува „Си-Ен-Би-Си“.

Американската Централна команда (ЦЕНТКОМ) соопшти дека иранската Револуционерна гарда испалила повеќе балистички ракети врз американските бази на Блискиот Исток.

Потоа, американските и саудиските сили извршија напади врз логистички и складишни објекти на проиранските групи во источен Ирак.

Германскиот ДАКС денеска во 9:30 часот порасна за 0,09 отсто, францускиот ЦАК 40 за 0,26 отсто, британскиот ФТСЕ за 0,47 отсто, а московскиот МОЕКС за 0,93 отсто.

Европските фјучерси на гасот за август денеска на отворањето на амстердамската берза ТТФ се продаваа по цена од 56,5 евра за мегават-час.

Вредноста на еврото во однос на доларот на валутната берза Форекс денеска изнесува 1,13978 долари, пренесува Танјуг.

Цената на златото порасна на 4.046,77 долари за трој-унца, а цената на пченицата на 6,66736 долари за бушел (27,216 килограми).

Американскиот берзански индекс Дау Џонс на затворањето на тргувањето во вторникот порасна за 1,03 отсто, на 52.747,32 поени, С&П 500 за 0,21 отсто, на 7.428,78 поени, додека Насдак падна за 0,22 отсто, на 24.876,91 поен.

Во Европа во остатокот од неделата фокусот ќе биде на прелиминарните податоци за бруто-домашниот производ на еврозоната и Германија, инфлацијата во еврозоната, како и на одлуката на Банката на Англија за каматните стапки.