Доколку надлежните институции не преземат итни и сериозни мерки, постои ризик од поголема катастрофа во Гостивар, труење со храна и појава на заболувања како хепатит А, предупреди претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска од Гостивар.

Филипче посочи дека актуелната состојба бара итно постапување од здравствените власти и одговорност, бидејќи, станува збор за директна заштита на здравјето на граѓаните.

„Ако и сега се користи неисправна вода, се заканува уште поголема опасност, а тоа е труење со храна. Ако храната не се мие и не се третира соодветно, постои ризик од труење со храна, а потоа и од болести како хепатит А. Не смееме да дозволиме од една криза да влеземе во нова здравствена опасност“, предупреди Филипче.

Тој побара од надлежните институции веднаш да одговорат на прашањата поврзани со тоа каква вода се користи во објектите каде што се подготвува и послужува храна и кој врши контрола над таа вода.

„Каква вода се користи во рестораните? Со каква вода се мијат чиниите, приборот за јадење и садовите за подготовка на храна? Каква вода се користи во објектите каде што има масовни собири, како свадбите и другите прослави? Каде се обезбедува таа вода и кој гарантира дека е исправна?“, посочи Филипче.

Претседателот на СДСМ, потенцираше дека препораката за користење техничка вода отвора дополнителни дилеми кај граѓаните и угостителите, бидејќи мора јасно да се знае што значи тоа и дали таа вода е контролирана.

„Која е таа техничка вода? Од каде ја носат рестораните, од каде ја обезбедуваат граѓаните и кој ја проверил нејзината исправност? Ова се прашања од јавен интерес и граѓаните имаат право на јасни и навремени одговори“, нагласи претседателот на СДСМ.