Во вчерашното краткотрајно невреме што го зафати Скопје според информациите од скопски клиники и од хируршката клиника „Св.Наум Охридски“ повредени се над тресетина луѓе, од кои четворица се со посериозни повреди.

Директорот на Клиниката за трауматологија, ортопедија, анестезија, реанимација и ургентен центар, Игор Мерџановски за „Локално“ изјави дека вчера на клиниката помош побарале девет пациенти, од кои двајца се со посериозни повреди и се задржани на лекување, а останатите се пуштени на домашно лекување.

– Едниот пациент е со скршеница на раката, а другиот е со пвреди на главата и е хоспитализрн на Клиниката за неврологија, изјави за „Локално“ Мерџановски.

На Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ помош побарале 22 лица, од кои дајца се задржани на лекување, а останатите се пуштени на домашно лекување.

-Пациентите кои се задржани, едниот, кој е со скршеница на шака е опериран, а другиот е задржан на опсервација, бидејќи има скршеница на карлицата. Останатите главно беа со исеченици, скршеници и набиеници, изјави за „Локално“ д-р Небојша Настов, директор на клиниката „СВ. Наум Охридски“.

Од Управата за хидрометеоролошки работи на Македонија за „Локално“ изјавија дека во вчерашното невреме во Скопје не наврна многу дожд, бидејќи беше краткотрајно, а дуваше ветер со јачина од 130 километри на час. Оваа брзина на ветерот е измерена на Зајчев рид, каде се измерени и 8 литри вода на метар квадратен, а 11 литри вда на метар квадратен се измерени на Петровец.

-Најмногу дожд наврна во Штип каде се измерени 18 литри на метар квадратен, а таму е измерен и најсилен ветер од 134 километри на час. Вчерашното невреме главно ги зафатија Скопје и источниот дел од земјата, изјавија од УХМР од каде додаваат дека за денес не се очекува нестабилност со ваков интензитет.

Е.Б.