Струмица во недела, 1 ноември, ќе биде во знакот на спортот, рекреацијата и позитивната енергија со одржувањето на петтото издание на градската трка „Струмица на улица – Sunday Run“. Годинава настанот бележи рекорден интерес со над 700 пријавени тркачи, што претставува најмасовно учество од неговото основање.
На трката ќе учествуваат натпреварувачи од речиси сите градови во Македонија, како и гости од неколку странски земји. Организаторите очекуваат улиците на Струмица да ги исполнат меѓу 1500 и 2000 луѓе, вклучувајќи ги тркачите, нивните семејства, навивачите и посетителите.
Натпреварувачите ќе имаат можност да трчаат на три дистанци – 5, 10 и 21 километар, односно полумаратон. Трката ќе се одржува во периодот од 10:00 до 14:00 часот, а стартот и целта ќе бидат кај Трговскиот центар „Глобал“.
Организаторите упатуваат повик до сите струмичани да излезат на улиците, да ги бодрат натпреварувачите и со своето присуство да придонесат за создавање вистинска спортска атмосфера. Целта е настанот да прерасне во празник на заедништвото, здравиот начин на живот и позитивната енергија.
Поради големиот број пријавени учесници и очекуваните гости, се предвидува зголемена посетеност на градот во текот на целиот викенд. Оттаму, организаторите упатуваат посебен апел и до локалните угостители и трговци навремено да се подготват за зголемениот број посетители, особено во недела напладне и попладне, по завршувањето на трката.
На угостителските објекти им се препорачува да обезбедат доволни залихи и да размислат за специјални понуди за тркачите, кои ќе можат да се препознаат по своите стартни броеви. Зголемен проток на посетители се очекува во периодот од 10:00 до 20:00 часот, што претставува можност локалните бизниси да ги претстават своите услуги и Струмица да се покаже како добар домаќин.
Во рамките на придружната програма, во сабота, 31 октомври, од 17:00 до 20:00 часот, во ресторанот „Шалом“ ќе се одржи „Pasta Party“, на кое за пријавените тркачи ќе бидат обезбедени бесплатни порции тестенини од брендот „Barilla“.
По завршувањето на неделната трка, дружењето ќе продолжи со официјалното „After Party“ во „Форум Кафе“, каде што ќе бидат понудени специјални погодности за учесниците.
Организатори на „Струмица на улица – Sunday Run“ се Атлетскиот клуб „Беласица Ран“ од Струмица и „ЕОН маркетинг“, додека генерален партнер е „Sunday (Kolid S)“.
Со петтото издание, манифестацијата продолжува да се развива во еден од позначајните спортски настани во Југоисточна Македонија. Организаторите имаат амбициозна цел во наредните три години бројот на учесници да надмине 2000, со што трката би се вброила меѓу трите најголеми тркачки настани во државата.
Повеќе информации за настанот се достапни на официјалната веб-страница strumicanaulica.mk
The post Над 700 тркачи ќе ги исполнат улиците на Струмица во недела – петто издание на „Струмица на улица“ appeared first on Radio StrumicaNet.