Над 650 пациенти моментално чекаат за вградување вештачки колк, додека во три главни јавни здравствени установи во земјава се бележи значителен пораст на бројот на извршени интервенции. Пристапот до операции за замена на колк и колено се подобрува, истакна денеска на брифинг со новинарите генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.
Тој посочи дека во последниот период е забележан континуиран раст на ортопедските операции, особено на колк и колено. Во 2025 година се извршени вкупно 4.044 вакви интервенции, што претставува зголемување од 9,9 проценти во периодот 2023–2025 година. Податоците опфаќаат 14 јавни здравствени установи.
Клековски оцени дека Македонија има солидни резултати во делот на замена на колк, но дека во однос на операциите за колено сè уште заостанува зад регионалните стандарди.
– Овие бројки потврдуваат дека пристапот до операции за замена на колк и колено значително се подобрува. Следува отворање на оперативните блокови на Клиничкиот центар и во ГОБ „8 Септември“ и понатамошен развој на коленската артропластика – нагласи Клековски, пренесува МИА.
Тој додаде дека е потребно унапредување на организацијата и континуитетот во снабдувањето, при што тендерските постапки треба да се распишуваат најмалку четири месеци пред истекот на договорите.
Во однос на листите на чекање, Клековски истакна дека тие се резултат на повеќе фактори.
– Да, точно е, листите на чекање се такви какви што се, меѓу другото во „8 Септември“ и на Клиничкиот центар, затоа што дел од пациентите сакаат да се оперираат кај конкретен хирург, а не кај друг кој има слободен термин – изјави тој на новинарско прашање.
The post Над 650 пациенти чекаат за вештачки колк во Македонија appeared first on Прва Скопска ТВ.