Повеќе од 1.000 грла крупен добиток неконтролирано се движат низ Крива Паланка, предизвикувајќи штети на земјоделски насади, приватен имот и јавни површини, како и сериозен ризик за безбедноста во сообраќајот. Поради состојбата, градоначалникот Сашко Митовски побара Владата итно да прогласи 30-дневна кризна состојба.

На прес-конференција, Митовски изјави дека барањето е донесено врз основа на заклучоците на Општинскиот кризен штаб, кој оценил дека локалните институции немаат доволно капацитет самостојно да се справат со проблемот.

„Додека институциите ги објаснуваат своите ограничувања и надлежности, граѓаните ги бројат своите загуби и штети“, изјави Митовски.

Според информациите презентирани на седницата на Кризниот штаб, добитокот секојдневно се движи и низ централното градско подрачје, при што се оштетуваат имоти и јавна инфраструктура, а дополнително се загрозува безбедноста на граѓаните и учесниците во сообраќајот.

Градоначалникот нагласи дека за трајно решавање на проблемот се неопходни дополнителни стручни, логистички, оперативни и финансиски ресурси, како и специјализирани возила и соодветен простор за згрижување на животните.

Тој побара Владата да организира координирана акција со јасен оперативен план што ќе опфати заловување, безбеден транспорт и сместување на добитокот, како и мерки за спречување на повторување на проблемот.

Митовски потсети дека уште од јануари 2022 година до Владата, Министерството за земјоделство, надлежниот инспекторат и Агенцијата за храна и ветеринарство биле доставени стотици пријави и иницијативи, а била поднесена и кривична пријава за мачење животни, проследена со докази за материјални штети, повреди на граѓани и уништување јавни површини.

Тој посочи дека правосилните решенија за одземање животни од регистрирани одгледувалишта, донесени во 2024 година, сè уште не се целосно спроведени, поради што досегашните активности не дале трајни резултати.

Воедно, градоначалникот побара и информации за здравствената состојба на животните, нивните ветеринарни прегледи и евентуалните здравствени и епидемиолошки ризици.

„Прогласете 30-дневна кризна состојба, мобилизирајте ги потребните ресурси и помогнете ѝ на Крива Паланка да стави крај на оваа долгогодишна голгота“, порача Митовски.