Европската комисија во извештајот за Македонија нотира сериозни слабости во судството и борбата против корупцијата. Особено алармантен е недостигот од 221 судија и 67 обвинители. Поради недостиг на буџетски средства, постапката за прием на 130 кандидати во Академијата за судии и јавни обвинители била поништена, па нови кадри не се очекуваат пред 2028 година. ЕК повторно предупредува и на политички притисоци врз судството.

Независноста и непристрасноста на судството треба да се подобрат како во судовите од повисок степен, така и во судовите од прв степен. Извештајот констатира дека нивото на доверба во судството останува многу ниско.

„Континуираното надворешно и политичко влијание претставува сериозна загриженост. Провокативните изјави од страна на високи политичари во врска со плановите за расчистување на состојбите во судството и обвинителството, вклучително и лични критики упатени кон судии и обвинители, претставуваат недозволено влијание и заплашување, со што се поткопува независноста на судството. Во ноември 2025 година, преку потег без преседан, Врховниот суд, Судскиот совет и Здружението на судии издадоа заедничка реакција на постојаните, неосновани јавни критики кои доаѓаа од највисоките нивоа на власта. Во својата декларација, тие потсетија дека ваквите изјави го поткопуваат демократскиот принцип на владеење на правото” се вели во Извештајот на ЕК.

Маргарита Цаца Николовска, поранешната судијка во судот во Стразбур и познавач на состојбите забележува дека Македонија има нефункционално судство поради недостигот на ресурси и недостигот на политичка волја односно на некој начин, како што вели, интервенирање или мешање дали преку законски решенија или субјективно однесување на судиите и обвинителите. Повеќе елементи се дел од оваа негативна состојба, појаснува таа во разговор за „Локално“.

Маргарита Цаца Николовска – Фото: Фејсбук/Институт за човекови права

Оценува дека недостигот од 221 судија и 67 обвинители може да стане механизам за дополнително одолговлекување на чувствителните предмети, затоа што не е мал бројот на недостиг, но и во догледно време нема да се пополни заради одредени проблеми во академијата и неможноста брзо да се оспособи генерација за надминување на овој недостаток.

За тоа како е можно државата да нема пари за обука на 130 нови кандидати, а истовремено да троши милиони на други административни приоритети, поранешната судијка истакнува дека на толку задолжувања, можеше дел од средствата и овде да се употребат.

-Не е главно недостигот на финаниски средства кај државата. Имаме проблемо, но не е тоа првенствено и не смее. Од друга страна, го слушавме премиерот како вели дека судиите и обвинителите не заслужуваат да имаат поголеми плати. И тука се измешани повеќе елементи. Во секој случај, не може да биде оправдување дека се нема средства кога гледаме дека и при ревизиите и при промени во буџетските ставки не се дискутира и не се зборува за можност да се направи некој напор за да се овозможи парични средства да се пренесат во судството и обвинителството, заклучува Николовска.

Забелешките во најновиот извештај на Европската комисија за состојбите во правосудството треба да бидат поттик за поголема посветеност и поефикасна работа, а не причина за обесхрабрување, став на државниот јавен обвинител Ненад Савески. Признава дека постојат недостатоци, но посочува дека недоволниот број обвинители, стручна служба и финансиски средства директно влијае врз динамиката на постапките. Сепак, квалитетот на обвинителската работа, нагласува, не смее да биде доведен во прашање.

„Извештајот на Европската комисија во делот на обвинителството е одраз на една реално согледана состојба, но тоа не треба да нè демотивира, туку да нè мотивира да се фокусираме и да дадеме посилен притисок врз сето она што е лоцирано како недостаток“, изјави државниот обвинител Ненад Савески.

Савески се согласува и со критиките за политичките пресметки кога станува збор за правосудството. Според него, борбата меѓу политичките партии, без разлика дали се на власт или во опозиција, не смее да се води преку правосудниот систем. Тврди дека политичките изјави и притисоци не влијаат врз одлучувањето на обвинителите, кои работат врз основа на Уставот, законите и професионалните стандарди.

Покрај независноста, како еден од предусловите за поефикасно обвинителство, првиот човек во фелата ја посочува и финансиската самостојност. Савески инсистира на обезбедување средства неопходни за функционирање на институцијата.

Н.П.