Царинската управа соопшти дека царинските службеници на граничниот премин Меѓународен Аеродром Скопје заплениле накит од брендот „Сваровски“ во вредност од околу 333.000 денари, кој патничка се обидела нелегално да го внесе во државата без плаќање на законските увозни давачки.
Според информациите, станува збор за македонска државјанка која допатувала со авион од Загреб. Наместо да го пријави накитот, таа се упатила кон зелениот канал, наменет за патници кои немаат стока за царинење.
При селективна контрола од страна на царинските службеници, патничката изјавила дека нема ништо за пријавување. Сепак, по извршената рендгенска проверка и деталниот преглед на нејзиниот багаж, биле пронајдени 23 парчиња накит од брендот „Сваровски“.
Од Царинската управа информираат дека случајот е предаден на Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги, кое против патничката поднело кривична пријава за кривичното дело „криумчарење“, согласно одредбите од Кривичниот законик.
The post На скопскиот аеродром запленет накит „Сваровски“ вреден 333.000 денари appeared first on Прва Скопска ТВ.