На Европа оваа зима ѝ се заканува недостиг од гас доколку американскиот претседател Доналд Трамп не постигне договор со Иран за повторно отворање на Ормускиот теснец, предупреди Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА). Во случај теснецот да остане затворен до почетокот на следната година и Европа да ја погоди студена зима, залихите на гас би можеле да паднат на само десет проценти од капацитетот на складиштата, пишува Telegraph.

ИЕА предупредува дека проблемите со снабдувањето се појавуваат и пред складиштата целосно да се испразнат. Кога пополнетоста ќе падне под 30 проценти, се намалува брзината со која гасот може да им се испорачува на домаќинствата и на индустријата. „Тоа би го направило европскиот пазар особено ранлив на доцните бранови на студ“, наведе агенцијата со седиште во Париз во тримесечниот извештај за пазарот на гас објавен денеска.

Дополнителен проблем би настанал следното лето, кога Европа би морала повторно да ги наполни складиштата што по зимата би останале речиси празни. Тоа би можело да го продолжи периодот на високи цени на гасот, кои се веќе значително пораснати поради војната со Иран.

Според податоците на ИЕА, цената на гасот на европскиот спот-пазар во третото тримесечје била за 90 проценти повисока во споредба со истиот период минатата година. Агенцијата предупредува дека продолжувањето на нарушувањата во снабдувањето би можело дополнително да ја влоши состојбата во текот на зимата.

Ормускиот Теснец е затворен од март, со што е блокирана приближно една петтина од светското снабдување со гас. Катар, еден од најголемите светски извозници на течен природен гас (ЛНГ), не може да ги пренасочи своите испораки преку алтернативни правци, како што тоа делумно го направија Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати со нафтата.

„Бидејќи минувањето низ Ормускиот теснец и при крајот на октомври остана сериозно ограничено, се чини дека нарушувањето во снабдувањето ќе продолжи да ги одржува напрегнатите пазарни услови во текот на зимата на северната хемисфера“, предупреди ИЕА.

Предупредувањето доаѓа во момент кога се очекува одлуката на Трамп за понатамошното постапување кон Иран по денешните американски избори за Конгресот. Трамп вети дека ќе ѝ стави крај на иранската блокада на Ормускиот теснец, но сè уште не е јасно дали ќе се одлучи за дипломатија или за нови воени напади.

Минатиот месец се појавија извештаи дека САД веќе утре би можеле да го продължат бомбардирањето на Иран. Меѓутоа, Axios вчера објави дека Трамп му рекол на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека сака да ѝ даде уште време на дипломатијата.

Иранските медиуми вчера известија дека иранскиот врховен водач Моџтаба Хаменеи ги одобрил мировните преговори со Американците. Таа вест уследи откако иранските функционери во текот на викендот разговараа со катарските посредници.

Изгледите за дипломатски договор веднаш се одразија врз енергетскиот пазар. Европската цена на гасот падна за повеќе од десет проценти, на нешто над 93 евра по мегават-час.

Соединетите Држави го зголемија извозот на гас за делумно да го надоместат губењето на катарските испораки, но дополнителните американски количини не се доволни за затворање на настанатиот недостиг. На европските купувачи дополнително им ја отежнува ситуацијата конкуренцијата од Азија, особено од Јапонија и Јужна Кореја, чии купувачи често се подготвени да платат повеќе за американскиот гас.

Посебно загрижува состојбата во Германија, чии складишта се пополнети помалку од две третини од капацитетот. Тоа е значително под законски пропишаното ниво од 80 проценти што би требало да се достигне пред зимското зголемување на потрошувачката. „Општо земено, слабата пополнетост на складиштата во Европската Унија го прави континентот поизложен на пазарни и временски нарушувања од вообичаено“, предупреди ИЕА.

Извршниот директор на францускиот енергетски гигант TotalEnergies, Патрик Пујане, смета дека Европа сепак нема да остане без гас, но предупредува дека цените ќе бидат значително повисоки. Според неговите зборови, пазарите предолго сметаа на брз завршок на војната и поради тоа ја потпроценуваа опасноста од долготрајно нарушување на снабдувањето.

„Очекувавме дека луѓето порано ќе предвидат побрз раст на цените на гасот. Наместо тоа, пазарите се однесуваа како војната да ќе заврши ова лето“, рече Пујане. „Ќе плаќаме повеќе од другите, едноставно тоа е така“, заклучи тој.