На денешен ден во 1969 година, мисијата „Аполо 11“ испиша историја кога првите луѓе успешно слетаа на Месечината, крунисувајќи ја вселенската трка меѓу САД и Советскиот Сојуз.
Астронаутите Нил Армстронг, Баз Олдрин и Мајкл Колинс тргнаа кон Месечината на 16 јули, а по четиридневно патување стигнаа до својата цел.

По влегувањето во месечевата орбита, Армстронг и Олдрин со модулот „Игл“ се спуштија на површината, додека Колинс остана во орбитата.
Неколку часа по слетувањето, Нил Армстронг стана првиот човек што зачекори на Месечината и ја изговори легендарната реченица: „Ова е мал чекор за човекот, но голем чекор за човештвото.“
Армстронг и Олдрин поминаа околу два часа на површината, собирајќи примероци и спроведувајќи научни истражувања.

Мисијата беше овозможена со моќната ракета „Сатурн V“, која и денес се смета за една од најголемите и најуспешните ракети некогаш лансирани.
Екипажот успешно се врати на Земјата на 24 јули, слетувајќи во Тихиот Океан, по што астронаутите беа ставени во тринеделен карантин како мерка на претпазливост.

Историското слетување на Месечината во живо го следеа повеќе од 600 милиони луѓе ширум светот, што го направи еден од најзначајните настани во историјата на човештвото.

The post На денешен ден, мисијата „Аполо 11“ испиша историја – првите луѓе успешно слетаа на Месечината appeared first on Прва Скопска ТВ.