
Државниот инзпекторат за животна средина и просторно планирање ќе продолжи да ги објавува неделните извештаи за извршени надзори, иако за тоа нема законска обврска, изјавија за „Локално“ од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).
-Министерството за животна средина и просторно планирање останува доследно на определбата за поголема транспарентност и навремено информирање на јавноста за состојбите во животната средина. Редовното објавување на информациите за извршените инспекциски надзори претставува важен инструмент за информирање на граѓаните и за јакнење на довербата во институциите. Оттука, неделните извештаи на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) ќе продолжат да се објавуваат, иако за тоа не постои експлицитна законска обврска, велат од Министерството за животна средина.
Деновиве граѓанската иницијатива „Стоп за цементара“ реагираше дека Инспекторатот престанал да ги објавува овие извештаи во исто време кога има проект финасиран од ЕУ за зголемување на транспарентноста, а министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа најави создавање регистар на загадувачи.
Според Министерството нивниот пристап е јасен кога станува збор за информации од јавен интерес, особено во областа на загадувањето и заштитата на животната средина.
-Стандардот треба да биде поголема, а не помала достапност на информации за граѓаните. Во истата насока е и активноста за воспоставување Регистар на загадувачи. Во тек е подготовка на потребните технички решенија, а ќе бидат иницирани и соодветни законски измени за да се обезбеди негово целосно функционирање и јавна достапност. Целта е граѓаните да имаат повеќе информации, полесен пристап до податоци и поголема можност да ги следат состојбите и постапувањето на институциите. Тоа е обврска што произлегува и од нашите реформски заложби и од европските стандарди за транспарентност, изјавија од Министерството за животна средина.
Е.Б.