На поплаките од граѓаните дека долго се чека на помош за санација на штетите предизвикани од невремето, кое во вторникот го зафати Скопје, како и други градови во земјата, од Министерството за внатрешни работи велат дека полициските службеници во рамки на своите надлежности, по пријава на граѓани излегуваат на местото на настанот и констатираат и фотографираат фактичка состојба.

Од МВР за „Локално“ објаснуваат дека на барање на граѓаните им издаваат потврда за пријавен настан за да можат да ги употребат во постапките за надомест на штета.

-Од невремето пријавени се вкупно 131 оштетени патнички моторни возила, 41 оштетени покриви, 191 паднати дрва, 7 семафори, 5 пожари и 10 повредени лица.  Невремето предизвика најголеми последици на подрачјето на СВР Скопје, каде  се евидентирани 103 оштетени патнички моторни возила, 30 оштетени покриви, 189 паднати дрва, 7 семафори, 5 пожари и 10 повредени лица, изјавија за „Локално“ од МВР.

.Полицијата евидентирала оштетувања и на повеќе објекти од витално значење, меѓу кои објектите на ОЈО ГОКК, комплексот „Вили Водно“, Аеродромската полициска база Петровец, објектот „Нова Македонија“, како и објектите на Министерството за финансии, Министерството за земјоделство и Јавното обвинителство,

Од невремето, како што објаснуваат од МВР пријавени се и оштетувања на автомобили и објекти од Куманово, Тетово, Велес Струмица, Битола, Штип и Охрид.

-На подрачјето на СВР Куманово пријавени се 9 оштетени возила и 3 оштетени кровови.. На подрачјето на СВР Тетово евидентирани се 5 настани, од кои 3 оштетувања на патнички моторни возила и 2 оштетувања на кровови, додека на подрачјето на Гостивар нема пријавени оштетувања ниту повредени лица. На подрачјето на СВР Велес пријавени се две оштетувања на патнички моторни возила предизвикани од паднати дрвја, изјавија од МВР.

Во Струмица полицијата евидентирала паднати електрични столбови во селата Доброшинци и Градошорци, како и прекин на снабдувањето со електрична енергија во селото Свидовица.

На подрачјето на СВР Битола не се регистрирани значителни последици. Само на подрачјето на ПС Македонски Брод е забележан краткотраен силен ветер, без пријавени материјални штети или паднати дрвја.  На подрачјето на СВР Штип регистрирани се 14 оштетувања на патнички возила и 6 оштетувања на кровни конструкции.На подрачје на СВР Охрид регистрирано е едно паднато дрво и една  падната бандера, велат од МВР. .

Невремето го погоди и транзитниот центар Табановце, каде полицијата се регистрирала оштетувања на дел од привремените објекти за сместување на мигранти, односно шатори и помошни објекти, како и паднати дрвја кои не предизвикале материјална штета,

– Во рамки на Регионалниот центар за гранични работи Север, најзначајни последици се регистрирани на ГП Меѓународен аеродром Скопје, каде поради протекување на кровот беше предизвикан прекин на работењето на излезот од државата во траење од околу час и половина., изјавија од МВР.

Од Град Скопје претходно изјавија дека добиле над илјада пријави за направена штета од граѓани и дека нивните екипи работат деноноќно на отсранување на паднатите дрвја, покриви и други материјали кои направија штета и на автомобилите и домовите на скопјани. Од Градот рекоа дека првично интервенирале на расчистување на сообраќајниците и објектите од критично значење.

Од Центаропт за управување со кризи за „Локално“ изјавија дека кризниот штаб во средата донел одлука во рамки на општините и на Град скопје да се формираат комисии за отштета, кои ќе работат по пријавите на граѓаните, а средствата за надомест на штета. Како што изјавија од ЦУК во тек е формирање на овие комисиим, а средствата ќе бида обезбедени од буџетот на државата.

Е.Б.