Шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски вели дека треба да се нотира дека нема назадување во ниту една област која што ги цени Европската Унија за Извештајот на Македонија. Посочува дека сме имале извештаи во минатото кога сме имале назадување. Според него, во овогодинешниот некаде има повидлив напредок, а некаде помалку видлив.

Според министерот, не станува збор за критики, туку за насоки за тоа што треба да се направи за да се подобриме. Вели дека содржината на овој извештај е во наш интерес и не треба да го гледаме како испорака кон Европската Унија, туку како испорака кон граѓаните.

За уставните измени и односите со Бугарија, министерот ја повтори определбата за членство во Унијата.

„Ние немаме избор како држава, земајќи го во предвид фактот дека за европската интеграција нема план Б, нема алтернатива. Ние немаме избор освен да работиме за решение. Но тоа решение мора да биде одржливо и поставено на принципиелни рамки“, порача тој во вестите на „Тв Сител“.

Одговорот за временската рамка остана неодреден. Муцунски рече дека не ветиле решение во рок од шест месеци или една година и дека нема да влегуваат во авантура без да ги разгледаат последиците.

„Не сме ветиле дека ќе најдеме решение во рок од шест месеци или една година. Чекор по чекор работиме не само на подобрување туку и на враќање на дел од позициите кои претходно сме ги немале. Истовремено, не се откажуваме од европската интеграција. И нашите изјави и она што го правиме на дело се доказ за тоа“, рече министерот.