„Кога зборуваме за билатералниот аспект меѓу Бугарија и Македонија, она што секогаш го велам е дека заедничкиот интерес на двете земји е да се движиме напред по патот кон полноправно членство во Европската Унија“. Ова го изјави министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, пред неговото учество на самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа во Софија.

„И нашата земја и вашата земја имаат многу да добијат од овој процес. Сакам да ве уверам дека имаме најпозитивни намери да соработуваме во областа на одбраната и безбедноста, да соработуваме во економијата, да соработуваме во образованието. Лично, како универзитетски професор, учествував на безброј меѓународни конференции во Софија“, нагласи тој.

„Затоа верувам дека сите овие настани од последните години вештачки ги делат народите на двете земји. И она што е важно е да се има око кон иднината, да не се фокусираме на прашања од минатото – прашања поврзани со идентитетот, историјата и јазикот, бидејќи имаме иднина што треба да нè обедини.“

На прашањето на бугарските новинари за договорот предложен од Франција во 2022 година и што успеала да исполни нашата држава, тој нагласи дека Македонија има поинакво гледиште за тоа.

„Треба да функционираме во систем што значи меѓусебна доверба. Нашето гледање е дека имаме различно толкување на она што се очекува од нашата земја во однос на одлуката од 2022 година“, истакна Муцунски.

Според него, Македонија подготвила, како дел од барањата на оваа одлука, Акциски план за малцинствата.

„Не само за бугарското малцинство, туку за сите малцинства во земјата, во соработка со водечки експерти делегирани од Советот на Европа“, нагласи тој. „Но, она што е важно, за да можеме да продолжиме напред, е да работиме во следниот период на градење меѓусебна доверба“.

Министерот истакна дека „силните идентитети не треба да се градат преку напади врз странски идентитети“, туку дека имаме капацитет „да ги славиме нашите разлики, да се почитуваме едни со други и да не се врзуваме за прашања поврзани со историјата, идентитетот и јазикот“.

„Треба да гледаме кон заедничка иднина што ќе нè обедини. Нашата цел не е само да стигнеме до фаза на отворање на пристапните преговори, туку и успешно да ги отвориме и затвориме. Затоа, што е важно за нас? Да знаеме дека нема да има дополнителни барања за нашата земја поврзани со историјата, идентитетот и јазикот“, кажа шефот на македонската дипломатија.

Според неговите зборови, со дијалог и меѓусебно разбирање, нема предизвик што не може да се реши, ако има волја и ако сите страни се посветени на европската идеја.

„Нашата цел како земја е да бидеме во ситуација во која, не само на почетокот на преговорите, туку и подоцна, нема да се појават билатерални прашања“, додаде тој. „Добро е да разговараме и да разјасниме кои се очекувањата на двете страни, бидејќи сè уште постои силен билатерален елемент во ова прашање“, заклучил шефот на македонската дипломатија.