
Министероот за надворешни работи Тимчо Муцунски смета дека од дома не постојат ризици да се загрози македонскиот извоз, а не ги исклучи надворешните фактори кои може да влијаат. Тој во одговор на новинарско прашање за тоа дали македонскиот извоз ќе биде загрозен ако предолго останеме во чекалната на ЕУ рече дека постојат ризици кои не зависат од нас.
-Во однос на извозот во моментот секако постојат потенцијални ризици кои не зависат од нас, тоа сакам да го напоменам. Продолжувањето на руската агресија во Украина, состојбите во блискиот исток, меѓу другото ќе имаат влијание на ланците на снабдување и влијание на секоја извозна компонента што ние внимателно го следиме, но конкретни ризици од домашно произведен ризик по нашиот извоз не гледам. Потенцијални ризици кои може да ги антиципираме се од надворешни фактори, за кои ние како држава немаме непосредно влијание, рече Муцунски.
Со министерот на Сојузниот оддел за надворешни работи на Швајцарија и претседавач на ОБСЕ Ињацио Касис на денешната средба во Скопје разговарале за продлабочување на економската и трговската размена меѓу двете земји. Касис рече дека има одлична билатерална соработка меѓу двете земји и дека со програмата за развој 2025-2028 година сакаат да и помогнат на земјата да ја зајакне економијата, со инвестиции и отворање нови работни места.
Тој се заблагодари за помошта што Македонија ја дала по трагедијата во Кран Монтана на почетокот на годината и рече дека ОБСЕ како организација може да и помогне на земјата во евроинтеграциите.
– Ние сакаме да се задржи довербата бидејќи, без доверба, нема безбедност, а без безбедност нема ни просперитет. Тоа се трите концепти што Швајцарија ги избра како слоган за ОБСЕ, рече Касис.
Тој рече дека македонската дијаспора, која е бројна во Швајцарија поттикнала неговата земја да даде поддршка на Балканот по распадот на Југославија.
Во одговор на новинарско прашање зошто европските земји препорачуваат граѓаните да обезбедат залихи во храна, вода и лекови рече светот е во период на голема геополитичка нестабилност и дека организации како ОБСЕ мора да покажат дека може да придонесат за решавање на проблемите.
Тој рече дека државите треба да ја преземат одговорноста за одржување на дијалогот и дека војната меѓу Русија и Украина ќе се заврши со дијалог, иако ниту една од страните не е подготвена на компромис.
Е.Б.