
Министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски, му порача на поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи да не држи лекции за тоа што е прифатено, а што не за отпочнување на преговорите со Европската Унија. Во објава на социјалните мрежи, Муцунски вели „Бујар да не извртува туѓи изјави“.
-Тој многу добро знае што преговараше, што прифаќаше и во каква позиција ја остави државата. Затоа, денес нека не троши енергија за да ги извртува фактите и да толкува туѓи изјави, напиша Муцунски во својата објава.
Оваа реакција доаѓа откако вчера Османи на социјалните мрежи објави декка министерот за надворешни работи го потврдил она што тој четири години го зборува, со линк од вчерашната прес конференција на Муцунски во која тој во одговор на новинарско прашање рече дека Протоколот 2 со Бугарија не е дел од преговарачката рамка со ЕУ.
-Четири години велам дека протоколите не се дел од Преговорната рамка. Четири години трпев критики, напади и навреди. Четири години цртав на таблите, објаснував и повторував. Направен е чекор: Протоколот не е дел од Рамката, напиша вчера Османи.
Муцунски пак напиша дека Османи е политичар кој не успеал да ја добие довербата ниту на своите најблиски сограѓани во Чаир, ниту на своите соседи, ниту на луѓето што најдобро го познаваат.
-Навистина е последниот што треба да држи лекции за политички легитимитет. По таков пораз, многумина би покажале политичка одговорност и би се повлекле, наместо да продолжат да делат лекции, напиша Муцунски.
Тој додаде дека политичката меморија не е толку кратка и дека граѓаните знаат кој ја доведе државата во оваа ситуација.
Тој на вчерашната прес конференција негираше дека условот за стапување на уставните измени на сила па преговори со ЕУ – кој е дел од Протколот 2 со Бугарија, дека е дел од преговарачката рамка со ЕУ.
– Мојот став како министер за надворешни работи е дека Протоколите – називот на записниците од разговорите, некој одлучил да се наречат Протоколи, зошто тоа е направено, да не навлегувам – тие по наше толкување не се дел од преговарачката рамка. Согласно моето толкување и како министер за надворешни работи, но и како правник е дека тие не се дел од преговарачката рамка, изјави Муцунски.
Во преговарачката рамка на Македонија со ЕУ, во член 5 стои дека напредокот во преговорите ќе се мери според посветеноста за добрососедски односи , преку постигнување на видливи резултати и спороведување на билатералните договори со Грција и Бугарија , како и годишните прегледи според членот 12 од Договорот за добрососедство со Бугарија.
Во третата точка од Вториот Протокол со Бугарија, стои дека Македонија може да ги стартува преговорите по кластери со ЕУ , откако уставните измени ќе стапат на сила.