
Американските разузнавачки аналитичари истражуваат дали Русија му обезбедила на Иран податоци за метите и напредна технологија за неодамнешните напади со дронови врз објектите на ЦИА во регионот на Заливот, потврдија четири разузнавачки извори.
Иако официјални заклучоци сè уште не се донесени, сомнежот го поттикнува исклучителната прецизност на ударите и поширокото техничко партнерство меѓу Москва и Техеран.
Во март беа погодени најмалку две локации на ЦИА, станица во рамките на американската амбасада во Ријад (Саудиска Арабија) и објект во источен Ирак, додека изворите наведуваат дека се погодени и други тајни локации, пишува Ројтерс.
Во нападот врз амбасадата во Ријад беа користени два ирански дрона Шахед: првиот направил отвор на надворешниот ѕид, а вториот пролетал низ него и детонирал. Повредени немало.
Според аналитичарите и западните разузнавачки документи, Русија му помогнала на Иран да ја унапреди прецизноста на дроновите Шахед-136 (Shahed-136) со испорака на напредниот сателитски навигациски систем Комета-М, кој е отпорен на попречувањe.
Според наводите на регионален официјален претставник кој имал увид во интерниот меморандум на една западна разузнавачка агенција, Русија веројатно имала улога во таргетирањето на објектите на ЦИА во регионот. Официјалното лице ги споделило изворите и авторството на документот под услов да остане анонимно.
Покрај технологијата, се истражува и дали Москва отстапила и тајни податоци за точните локации на канцелариите на ЦИА, со оглед на тоа што малку која друга нација има ресурси и интерес за собирање толку чувствителни информации против САД.
Загриженоста во Вашингтон дополнително се зголеми по неодамнешниот ирански напад со балистички ракети врз американската база во Јордан, во кој загинаа двајца војници.
Даниел Хофман, поранешен шеф на станица на ЦИА и оперативец за тајни операции, изјави дека не би било изненадувачки Русија да му помага на Техеран во таргетирањето на објектите на ЦИА, имајќи го предвид нивното блиско стратешко партнерство.
„Тие делат заеднички интерес во обидот да го намалат или потполно да го елиминираат влијанието на САД во нивните самопрогласени сфери на влијание“, изјави тој.