Министерството за образование и наука (МОН) објави нов конкурс за доделување 3.000 студентски стипендии за студиската 2026/2027 година, со кој се воведува значително унапреден модел на државна поддршка, соопштија денеска од ресорното министерство.

Според информациите од МОН, новиот систем носи поинаков пристап кој го вреднува академскиот успех, ја препознава социјалната ранливост и го поттикнува образованието на дефицитарни кадри. За таа цел, се воведува нова категорија од 1.050 стратешки стипендии во износ од 18.000 денари месечно. Овие средства се наменети за студентите кои се образуваат во области од стратешко значење за државата – математика, физика, хемија, земјоделство, шумарство, наставна биологија и рударство.

Во рамки на категоријата за социјална поддршка, која опфаќа вкупно 1.200 стипендии, од Министерството појаснуваат дека за првпат се воведуваат посебни квоти. Одделени се по 50 стипендии исклучиво за студенти со попреченост и за студенти со ретки болести, со што се прави значаен чекор кон поинклузивно образование и еднакви можности.

Дополнително, предвидени се 750 стипендии за студенти кои постигнуваат висок академски успех и имаат просек од најмалку 8,50. Месечниот износ за социјалните стипендии и за оние за висок академски успех изнесува 6.050 денари, а сите категории стипендии се исплаќаат во текот на девет месеци од студиската година.

Како што се наведува во официјалното соопштение, и покрај промените и воведувањето нови категории, вкупниот број на стипендии останува 3.000, но сега средствата се подобро насочени.

Пријавувањето за стипендиите е исклучиво електронско преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk и ќе трае од 6 до 20 ноември 2026 година. Од МОН потсетуваат дека паралелно во тек се и конкурсите за доделување 15 стипендии за бруцоши на студиските програми по македонски јазик, како и конкурсот за поврат на средства за купен музички инструмент.