
Министерството за образование и наука ќе поддржи 14 заеднички научно-истражувачки проекти меѓу Македонија и Австрија, насочени кон области со значаен развоен потенцијал утврдени во Стратегијата за паметна специјализација на државата.
„Министерството за образование и наука ќе финансира 14 заеднички научно – истражувачки проекти на Македонија и Австрија, кои ќе се реализираат во области каде согласно Стратегијата за паметна специјализација на државата, има голем развоен потенцијал: паметно земјоделство и храна со повисока додадена вредност, информациски и комуникациски технологии, електро-машинска индустрија – индустрија 4.0, одржливи материјали и паметни згради, енергија на иднината и туризам.
По 600 илјади денари ќе бидат одвоени од државниот буџет за секој проект одделно, а рокот за имплементација е две години, почнувајќи од 1 јули 2026. Договорите за финансирање вчера беа потпишани од страна на министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска и носителите на проектите“, се вели во соопштението на МОН.
Како што информираше Јаневска на прес-конференција, на конкурсот пристигнале вкупно 18 апликации, од кои 14 ги исполниле условите и критериумите за финансирање по спроведената рецензија од македонски и австриски експерти.
Таа посочи дека конкурсот е објавен во септември минатата година врз основа на Спогодбата за научна и технолошка соработка меѓу двете земји од 2008 година, а проектите се резултат на партнерства меѓу универзитети и научни институции од јавниот и приватниот сектор.
„Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје е носител на 9 од прифатените проекти, на 3 е Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и по еден имаат Меѓународниот балкански универзитет – Скопје и приватниот Институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени – Скопје.
Согласно Класификацијата на научно-истражувачките подрачја и полиња според Меѓународната Фраскатиева класификација и Уредбата за утврдување на Научно – истражувачките полиња од трето ниво, вкупно 6 избрани проекти се од инженерство и технологија, 5 проекти се од природно – математички науки, два од земјоделски и ветеринарни науки и еден проект е од општествените науки.“, додаваат во соопштението.
Министерката истакна дека ова е продолжување на досегашната пракса за поддршка на научни проекти, но дека за првпат приоритет се дава на техничките науки, согласно националните развојни приоритети.
Јаневска им честиташе на тимовите за добиената поддршка и изрази очекување за успешна реализација, нагласувајќи дека Владата ќе продолжи да го зајакнува финансирањето на науката како клучен двигател на економскиот и општествениот развој.