
Министерството за образование и наука (МОН) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) потпишаа Меморандум за разбирање со кој ќе се поддржи развојот на квалификации и програми за обука наменети за секторите за управување со отпад и циркуларна економија, соопштија денеска од МОН.
Според информациите од Министерството, ова партнерство предвидува подготовка на стандарди за занимања, наставни планови и програми за обука во согласност со Националната рамка на квалификации. Целта, како што велат од МОН, е да се зајакнат капацитетите на образовните институции за спроведување програми кои ќе им ги обезбедат на граѓаните потребните вештини за современ и безбеден сектор за управување со отпад, усогласен со стандардите на Европската Унија.
Од ресорното министерство појаснуваат дека соработката е дел од програма финансирана од ЕУ, поврзана со Регионалниот проект за цврст отпад на ЕБОР. Овој проект ја поддржува изградбата на санитарни депонии по европски стандарди и набавка на нова опрема во регионите Пелагонија/Југозапад, Полошкиот и Вардарскиот/Југоисточниот Регион.
„Со воспоставувањето на оваа соработка ќе дадеме значителен придонес кон развојот на систем за правилно управување со отпадот и кон намалување на загадувањето на средината. Важна е инфраструктурата, но подеднакво важен е и кадарот. Ќе создадеме стручен кадар кој е потребен за постојните, но и за многу нови т.н. зелени работни места што во иднина ќе се отворат“, истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска по потпишувањето на меморандумот.
Раководителот на ЕБОР за Македонија, Фатих Туркменоглу, посочи дека инвестирањето во вештини е од суштинско значење за развој на циркуларна економија и дека партнерството ќе помогне инфраструктурниот проект да се преточи во долгорочни можности за луѓето.
Шефот на Секторот за соработка при Делегацијата на ЕУ, Стефано Елеро, додаде дека зелената транзиција значи и создавање можности за вработување, со амбиција при овој процес никој да не биде изоставен.
Како што се наведува во официјалното соопштение, новите образовни патеки ќе бидат достапни за средношколци, наставници, невработени лица, како и работници кои сакаат да стекнат нови вештини. За успешна реализација на овие цели, најавено е формирање на заедничка работна група од страна на МОН, ЕБОР и релевантните партнери од областа на образованието.