ВМРО-ДПМНЕ упати остри критики до гостиварскиот градоначалник Валбон Лимани, како и до СДС, ДУИ и политичката структура предводена од Арбен Таравари, обвинувајќи ги дека избегнуваат одговорност за случувањата поврзани со водата во Гостивар.
Од владејачката партија оценуваат дека здравјето на илјадници граѓани било доведено во опасност поради, како што тврдат, ненавременото и несоодветно постапување на локалната власт. Според нив, реакцијата на опозициските партии би била сосема поинаква доколку на чело на општината се наоѓал градоначалник од редовите на власта.
Во ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека изјавите на Лимани покажуваат отсуство на чувство за одговорност, додека молкот на неговите политички партнери го толкуваат како обид да се заштити сопствениот политички комодитет.
Партијата го обвинува СДС дека наместо да побара одговорност, ја користи кризата за пласирање политички спинови и за собирање дневнополитички поени. Истовремено, отсуството на реакција од ДУИ и од Таравари, според ВМРО-ДПМНЕ, ја разоткрива селективноста на нивните повици за правда и институционална одговорност.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека надлежните институции продолжуваат со утврдување на сите факти и околности поврзани со случајот. Доколку биде утврдена лична или институционална одговорност, бараат сите инволвирани да ги понесат последиците предвидени со закон.The post МОЛК ПОГЛАСЕН ОД СКАНДАЛОТ: ВМРО-ДПМНЕ ПРАШУВА ЗОШТО СДС, ДУИ И ТАРАВАРИ ГО ШТИТАТ ЛИМАНИ? appeared first on Politika.