Со професор доктор Александар Николиќ, врвен светски кардиохирург договаравме интервју за Капитал подолго време. Едноставно не можевме да утврдиме термин. Неговата професија е практично без работно време. Но, интензивно на работа.
Кога конечно го утврдивме денот тргнав кон скопската населба Бардовци во 6 часот наутро каде докторот живее … Се договоривме да го земам и да се возиме до Клиниката Аџибадем Систина каде во моментов работи. Да заштедиме и во време. Тој ги шеташе своите две кучиња. Почекав да се подготви докторот за работните обврски и заминавме.
Многу во Македонија не знаат дека имаме договор со Фондот за здравствено осигурување … и дека сите операции во Аџибадем Систина одат преку Фондот. Пациентите доаѓаат со Упут од својот доктор, или доктор специјалист од некаде во Македонија – Охрид, Штип, Тетово. Доаѓаат кај нас и имаат бесплатно лечење. Плакаат исто како во државна болница. Само партиципација и тоа е се.
Многу пациенти ова не го знаат и затоа кажувам дека државното и приватното здравство треба да се стават во исти размери. Не треба никого да се форсира, ниту некого да се кочи и успорува. Значи и на едните и на другите треба да им се даде одврзани раце. И треба строга контрола и за едите и за другите.
Не треба посебна контрола за едните, а фаворизирање на другите. Тоа спрема здравствениот систем треба да биде потполно еднакво. Пациентите нека бираат каде сакаат да се лечат. Имаме договори со Фондот за кардио васкуларни операции, за ин витро оплодување …
Јас мислам дека договорите треба да се прошират на комплетните услуги. За се. Пациентите да имаат избор.
Како е со обврските денес докторе, го прашав. Всушност како поминува еден Ваш работен ден. „Па еве, додека сега разговараме толку рано може некој да ве викне за интервенција, или итна операција, и ке треба побрзо да возиме„, одговара докторот … и продолжува … „Се будам во шест наутро секој ден. Туширање. Ги шетам кучињата, тоа е време за мене. Во седум сум на работа. Утрински состанок до 7 и 30 … До 8 часот визита. Потоа одам во операциона сала на закажана операција. Додека оди анестезијата … јас разговарам со два три потенцијални пациенти кои сакаат да слушнат што треба да се оперира, и како тоа ке оди„ … раскажува докторот додека се возиме.

„Видете луѓето имаат потреба да ги упатите во тоа од што ќе се лечат. Не само да ги третирате како бројки. Секој е индивидуа за себе и секој сака да си ја знае својата проблематика … Потребно е да се создаде една длабока доверба меѓу пациентот и докторот. Пациентот е многу поопуштен кога има доверба во докторот и во тимот„.
Потоа, во текот на денот следуваат операции … прва, втора, некогаш и трета операција во денот … Денот трае до пет или шест попладне. Потоа дома … релаксирање и дружење со најмилите.

„Работам во Аџибадем Систина. На почетокот кога дојдов правев многу операции. Сега сум прв човек на Кардиохирургијата. Нормано сега повеке менаџирам, но направивме одличен тим, школував уште три кардиохирурзи кои самостојно оперираат како и јас. Имаат големо знаење и знаат се што треба, и што знам јас. Имаме и три специјализанти кои почнаа да оперираат„.
Возиме … си велам, докторот Николиќ е смирен и одмерен, скромен, а толку голем. Еден од малкумината. Вели дека се радува и дека е горд што во Македонија покренал еден нов процес на лекување на срцевата инсуфициенција.
Го прашувам доктор Николиќ од каде таа сила, фокус и концентрација … онака како за почеток на разговорот пред да влеземе длабоко во темите околу кардиохирургијата.

„Видете … Јас потекнувам од лекарско семејство. Татко ми и мајка ми беа лекари. Татко ми беше онколог и професор на универзитетот во Нови Сад. Мајка ми беше педијатар неонатолог и началник на детската болница. Татко ми е творец на модерниот Институт во Сремска Каменица кој потоа се подели на кардиоваскуларни болести, онколошки и пулмолошки болести. Станува збор за првиот Институт за кардиоваскуларни болести бо поранешната Југославија”, почнува да објаснува со голема страст докторот.

„Сите во семејството сме лекари. И брат ми и снаа ми се лекари. И дедо ми беше лекар. Моите деца не сакаа да бидат лекари. Станаа правници. Имам две деца. Син ми заврши на Џорџ Вашингтон универзитетот – економија, и три години работеше за Светска банка. Денес е адвокат во САД, државата го бараше како човек со посебна важност, и на тој начин му даде државјанство.

Ќерка ми заврши микробиологија на Џорџ Вашингтон универзитетот во Сиетл. Пет години работеше како микробиолог, потоа запиша право и таа денес е адвокат во САД. Живеат таму, со гордост раскажува Николиќ.
Дедо ми беше исто така лекар. Кога отиде во пензија отиде доброволно да работи на Косово. Од Тито доби орден со златен венец, затоа што учествуваше во лекување во епидемијата на Вариола Вера… Сите ги вакцинираше во едно село, и последната вакцина себе си ја стави„.
Стигнавме до Аџибадем Систина, го преќинавме разговорот, докторот отиде на работа, а интервјуто го продолживме попладнето на едно убаво место на кое тој секогаш се чувствува најопуштено … Со истото темпо од утрината, и со истата ведрина, но и смиреност која зрачеше од докторот … Неговото друштво и пристап релаксира.



Капитал: Како почна вашиот пат на професионален кардиохирург?
Николиќ: Мојата кариера почна во Нови Сад на васкуларна хирургија. Првата љубов ми беше васкуларната хирургија и бев заљубен во трансплантациите. На почеток бев примен на тој оддел – на делот за трансплантација на црн дроб.
Во Клиничкиот центар во тоа време имаше вишок на лекари, правеа разни рокади и кадровски промени и сакаа да ме префрлат на општа хирургија. Мене тоа воопшто не ми се допаѓаше и патот ме одене во Сремска Каменица. Напуштив сигурна работа во Нови Сад, а во Сремска Каменица волонтирав на одделот за кардиохирургија, мојата професионална љубов. После половина година ме примија во постојан работен однос кај професор Радовановиќ, мојот понатамошен учител. Моја среќа затоа што бев упорен, и работев во болница која најмногу работеше во поранешна Југославија.
Професор Радовановиќ беше вистински учител беше строг и крут. Не дозволуваше на другите да работат ако не се искусни. Сите операции тој ги работеше. За мене беше голем учител бидејќи инсистираше кардиохирурзите да знаат се! И интензивна нега и оделение. Не само операција во операциона сала, туку и како да се подготви пациентот за операција, потоа како да се оперира, како да го спроведеш пациентот низ повеке потешкотии кои следуваат после операцијата па се до испраќањето дома. Јас бев единствениот млад лекар со три години специјализација, подоцна дојде уште еден млад лекар, и можам да кажам дека тука во таа болница го испеков занаетот.

Татјана Николиќ е мојата сопруга. Многу сум и благодарен што ја жртвуваше својата кариера како доктор стоматолог за да успее оваа моја мисија … Таа цело време е посветена на семејството и на воспитување на нашите деца! Бескрајно сум и благодарен за тоа …
Потоа почна да се распаѓа поранешната држава и јас отидов во Белград. Главниот град сепак инсистираше на тоа дека треба да го има приматот врз кардиохирургијата. И така се направи една модерна болница, познатата – Дедиње. Учествував и јас. Почнаа да се прават неверојатен број на операции. Покрај мене дојдоа уште многу лекари. И од Сремска Каменица, и од други центри од Србија. Така се создаде критична маса лекари. Создадовме тимови и направивме еден страшно добар кардиохирушки центар кој денес оперира и до 2000 операции годишно. Веднаш добив шанса да оперирам на Дедиње и тоа беше една голема моја среќа и задоволство. Секогаш сум бил храбар во одлуките, и затоа ме пратеше среќата, се разбира. Многу, многу, многу работев и така го испеков занаетот што би се рекло во еден обичен жаргон. Тука направив многу операции. На Дедиње научив многу. Како се води болница, како најдобро да се искористи најдоброто од персоналот. Како и односот со пациентите.
После 11 години, а по пензионирањето на мојот учител Радовановиќ, се вратив назад во Сремска Каменица. Таму направивме одлични тимови. Одлично ја водев болницата. Почнавме да остваруваме добри приходи, покрај приходите од Фондот. Финансиите ни беа добра страна. Но, почнаа да се наметнуваат од надвор. Други од државата да одлучуваат за финансиската состојба на болницата. Тогаш дадов отказ и заминав. Како и секогаш политиката е таа што ке ви стави пречка на развојот. Ја напуштив болницата од позиција директор во својата 40-та година.
Така заврши една страница од мојата кариера. Бев во позиција да свртам нова страница, полн со знаење, искуство и километража. Сигурен во себе и храбар да донесам важни одлуки.
Потоа отидов во Франција на усовршување. Бев шест месеци во Монако.

Мојот приватен живот се сведува на многу дружење и комуникација што ме прави многу исполнет и среќен. Во Македонија имам многу пријатели. Стекнав многу. Имам друштво со кое постојано се дружам. Тука нема најдобар … Јас лично во моето друштво се лечам. За душата раскажувам. Го освежувам мозокот. Сите имаме свои проблеми и радости.
Но, ова друштво со кое редовно се дружам го сакам оти многу се смееме, имаме наши шали и анегдоти …Тоа е едно големо богатство. Кога ми е најтешко секогаш биле тука околу мене, а што е важно тука се и кога сум најсрекен.
Во друштвото има новинари, бизнисмени, градежници, до угостители … Широка екипа сме ние. Направив една убава куќа во населбата Бардовци, одмарам во својот двор со мојата сопруга и двете кучиња. Знаете ме прашуваат остануваш ли во Македонија? Велам … Каде ви се пријателите таму ви е и куќата. Патувам низ Македонија. Планини, езера … кафеани … Многу салати има овде и добра жолта што е посебно важно … знаете ракијата во умерени дози е добар психорелаксант, ги шири крвните садови и спречува артериосклероза.
Мојата порака е физички активни во текот на денот. Два до три пати во неделата да се избегнува месо и тешки сирења. Овде има одличен зеленчук и овошје! Има риба. Да се престане со пушењето. Секој кој помине 50 години, на секои три години мора да направи кардио васкуларен преглед.
Инаку пред тоа, преку болницата во Дедиње бев во САД половина година, каде многу научив. Бев во Кливленд во најголемата болница во светот за операција на срце. Околу 5.000 до 6.000 операции годишно работеа.
По враќањето од таму во 1998 веднаш почнав да работам операција на срце со мали резови. Тогаш почнав да оперирам валволи кај деца. Правев реконструкција на валволи што дотогаш никој не го правеше кај нас. Така моето име се изгради и стана познато и во Србија и надвор од земјата.
Капитал: Какво беше тоа време тогаш во поглед на можностите за професионален развој?
Николиќ: Од самите почетоци до денес кардиохирургијата на овие простори многу се разви. Но, кога станува збор за докторите порано, и докторите денес, можам да кажам дека порано докторите беа од многу по цврст ков. На пример, порано се знаеше дека самостоен можеш да бидеш дури кога ке направиш 1.000 операции. Денес секој кој ќе добие диплома да може да оперира, тој инсистира веднаш да стане самостоен, дури и шеф. Денес секој млад, или нов, мисли дека треба да ги има истите права со оној доктор кој направил 15.000 операции во 30 или 40 години стаж и кариера. Мислат дека се знаат, а во суштина и длабоко анализирано не е така. Недостасува знаење и искуство, и тоа не е во ред.

Затоа мислам дека она време од поодамна беше подобро, попрофесионално, некако поцврсто и помалку се дозволуваше да дојде до грешки. Се знаеше порано. Одиш на специјализација, завршиш специјализација, почнуваш да оперираш и кога ке направиш 1.000 операции на некој начин си самостоен хирург, па можете да бидете главен-дежурен, да бидете шеф во ноќните саати на дежурство, или шеф на помали одделенија. Денес хирурзи со само сто операции во рацете мислат дека можат да работат се.
Капитал: Кој дел на медицината најмногу напредуваше на овие простори?
Николиќ: Мислам дека во медицината најмногу напредуваше кардиохирургијата во последните 40 години. Сега почнува силно да напредува неврохирургијата која, морам да кажам, е малку истражувана.
Видете … некогаша кога јас почнував, три бајпаса работевме за пет часа. Денес три бајпаса се работата за 1 час и 15 минути. Техника, технологија, инструменти … се напредуваше и се развиваше. Пристапите, методите и протоколите се усовршија … Денес многу се работи со минимално инвазивни пристапи. Помалку сечење, помала траума. Да биде полесно за пациентите. Полесно ги пребродуваат операциите, полесно одат дома.
Од друга страна, сведоци сме дека и роботиката влегува во кардиохирургијата. За жал таа денес е сеуште достапна само за богатите држави и богатите центри со голем волумен на пациенти. На кои ке можат да направат многу операции. Станува збор за многу скапи операции дури над стотина илјади евра.
За нас овој тренд е сепак многу далеку и рано е … Ние имаме класични, но модерни методи и исклучитечно добро ги следиме светските трендови. Инаку разликата на услугите меѓу Балканот, Европа и светот денес е само во цената. Во ништо друго. Менталитетот на пациентите со многу пари е што мислат дека таму во Европа некаде ако платат поскапо е посигурно … Но, само така мислат. Тоа воопшто не мора да значи сигурност. Бајпас е бајпас … Нашата кардиохирургија воопшто не заостанува зад европската, или светската, затоа што на дневна основа ги следиме сите трендови. Влезени сме во европското здружение за кардиохирургија каде следиме буквално се.
Капитал: Кога и како дојдовте во Македонија?
Николиќ: После отказот во Сремска Каменица, веќе бев ценет и познат хирург. Дојде понуда од клиниката Жан Митрев. Таму отидов во јануари 2007 година и останав шест години. Направивме кардиохирургија. Таму направив 350 до 400 операции, а во исто време работев и операции во Црна Гора околу 400 до 500. Во Жан Митрев направивме навистина добар тим.
После ангажманот во Жан Митрев еден период се вратив на Институтот за кардио васкуларни болести – Дедиње. Во таа болница, каде во првата недела кога дојдов ја направив првата трансплантација на вештачко срце во Србија. После толку години се вратив. Таа трансплантација беше успешна, а тој пациент и ден денеска е жив. Тој пациент е светски рекордер затоа што вештачко срце е привремена варијанта до добивање вистинско срце. Досега не можеше да се потрефи срце, но имам информација дека наскоро ке добие вистинско природно срце.
Капитал: Што е најважно кај трансплантацијата на срце и како тоа изгледа?
Николиќ: Знаете … кај трансплантациите најважно е клиниката која почнува да работи такво нешто да има добар тим. Поединецот е помалку важен. Важен е добриот тим. Секако потребен е менаџер (водач) кој го води и организира тимот. Инаку постојат многу потешки операции како што се сложени операции на валволи, операции на аорта … овие операции се многу потешки отколку самата трансплантација.
Тежината на трансплантацијата е во тоа што покрај хируршкиот тим, пред тоа имате тим кој работи на селекција на пациентот (оној на кој му е најпотребно). Потоа следува добра подготовка, но, секако треба да се најде добар донатор. Исто така, многу е важен тимот за инплантација на органот. Сето ова потребно е да се склопи професионално и добро, и да се утврди идеалниот момент за трансплантација. Многу важна е и фазата постоперативно (после транспланатацијата) во делот на интензивна нега.
Пожелно е овој цел сложен тим да го води еден човек кој цврсто ќе менаџира. Може да биде главниот хирург, но и не мора. Често се случува тој менаџер да биде некој друг во тимот. Важно е да се разбере дека трансплантација можат да работат само во големи системи.
Мислам дека е нормално што во Македонија, како и во многу други земји, трансплантациите се дозволени само во државниот клинички центар. Низ што се поминавме во овие триесетина година потребно е вака да остане уште некое време. Подобро е и за приватните болници за да се заштитат самите. Да не дојде до некакви беспотребни сомнежи. Сведоци сме на многу нешта што се случувало. Секакви приказни, дали се вистинити или не, во региони околу нас … Затоа велат дека трансплантациите секогаш мора да бидат под контрола на број еден – државата!
Капитал: Докторе Николиќ, Вашето име ќе остане запишано како член на тимот кој ја направи првата трансплантација на срце во Македонија! И за тоа целиот тим ја доби наградата 13 Ноември!
Николиќ: Тогашниот министер за здравство доктор Венко Филипче реши да направи тим составен од доктори хирурзи од сите болници. Државна болница, Жан Митрев и Систина … Жан Митрев се договорија да направат инплатанција, а јас и ние од Аџибадем Систина правевме експлантација (вадење на срце). На тој начин учествував … Трансплантацијата беше успешна.
Заради тоа, и учеството во тој процес целиот тим ја добивме наградата 13 ноември. Пред првата трансплантација на срце, јас го направив и првото вградување на вештачко срце во Македонија. Така ги покренавме вештачките пумпи. Кога го развивме тој процес нормално беше да дојдеме и до трансплантација на срце. Знаете тоа е тркало.
Капитал: Докторе од што најмногу страдаат Балканците и македонските граѓани? Постои ли модел на пациент од овие простори за кој можеме да кажеме дека – овој пациент е од тие географски простори, и за него иманентни се тие ризици?
Николиќ: Поранешна Југославија и Русија имаат најголема инциденца во Европа кај пациенти кои најмногу бараат бајпас хирургија. За ова причината е генетиката. Ние во себе имаме еден ген кој веројатно во иднина ќе биде добро разоткриен, па мислам проблемите што се создаваат ќе можат да ги заобиколат нашите потомци.
Втора причина за ваквата инциденца е нашиот начин на живот. Многу пушење, неодговорност кон високиот притисок (слаби контроли), неодговорност кон дијабетисот (слаби контроли) … многумина игнорираат дека имаат шеќер, но реално имаат … Наместо повеке риба, овде се јаде многу мрсно месо. Јагнешкото, на пример, е број еден за холестерол. Плус на се ова клучното е отсуството на физичка активност.
Французите, на пример, од деца ги учат дека секој ден мора да бидат физички активни минимум два часа. Кога на некој од мал му е всадено во менталитетот дека мора да има физичка активност која во суштина е здравје, тогаш низ животот тоа станува код креиран кој те штити од разни заболувања.
Трето … имаме проблем и со времето на доаѓање на пациентите на хирушка операција. Доаѓаат често доста запуштени и неуредни. Овде проблемот е што немаме, знаете немаме доволен број, но и доволен број добри кардиолози низ државата. Нашите пациенти во голем број доаѓаат од внатрешноста. Ние имаме доволен број кардиолози во Скопје, но не и надвор од градот. Затоа ни доаѓаат пациенти во тешка кардио васкуларна состојба и кога ке влезат во системот на „скоровање„ практично добиваат висок ризик при операцијата. Фали превентивата, што значи фалат доктори и поголема опременост во внатрешноста на земјата во помалите места.
Знаете и најмал проблем при операција може да се претвори во огромен проблем. Ако пред тоа немате добра дијагностика. Или имате итен случај на доста запуштен пациент. Има тешки ситуации. Некои од потешките се пациенти со ослабени срцеви мускули заради долготрајни болести на валвулите, тешки се и операциите на аорта (почетен дел на аорта, лакот на аортата и торакална аорта). Ова сето доаѓа заради нередовни котроли, повишен притисок, пукање на главен крвен сад и дисекција на аорта. Пациентите доаѓаат доцна, во најкритична состојба, каде смртноста е 70%.

Капитал: После се ова одлично и сугестивно објаснето како се чувствувате Вие кој треба да спасува животи? Нели е ова ужасно стресно? Како се справувате …?
Николиќ: Мене секоја нова операција ми е најважната операција во животот. Смртноста тешко ми паѓа се разбира. Знаете како јас гледам и чувствувам … Секој пациент кога доаѓа ви го дал животот во раце. Тој, легнува, заспива и се препуштил на вас и вашиот тим. Тоа е длабока доверба. Вие сега сте мастер на неговиот живот. Морате да бидете фокусиран, концентриран и паметен. Да го направите најдоброто за неговиот живот. Пред се пациентот да остане жив, и операцијата да ја спроведете коректно, и високо професионално. За да после одредено време на пациентот не му се случи проблем и нешто лошо. Морате да бидете паметни. Да знаете до каде се вашите можности, а до каде се можностите на пациентот. Еден стар хирург еднаш, во моите почетоци ми рече – сине природата може се да излечи, само не може да излечи хирушка грешка. За мене пациентот е светост. Тој, неговото семејство помало или поголемо … Сите се тука.
Капитал: Како врвен кардиохирург во светски рамки … Каква е вашата дијагноза за македонската хирургија и воопшто здравството во Македонија?
Николиќ: Кога ја гледам Македонија, од аспект историски во рамките на поранешна Југославија, можам слободно да кажам дека Македонија секогаш имала одлично здравство. Имаше добра база, добри доктори кои произлегуваа од одличен Медицински факултет. Скопскиот Медицински факултет беше исклучително добар и признат во поранешна Југославија. На пример, ортопедската школа беше една од најпознатите во поранешна Југославија.
Е сега, кардиохирургијата е најмлада во Македонија. За жал Македонија последна од поранешните ју републики доби кардиохирургија. А поради немаштијата, и отсуството на кардиохирургија, овде многу се разви интервентната кардиологија. Таа и сега е премногу доминантна. Што се однесува до кардиохирургијата Македонија доцни минимум триесет години зад останатиот делови на поранешна СФРЈ. Видете кога е формирана првата кардиохирургија – Жан Митрев.
Но, сепак, денес има три кардиохирургии. И Македонија е единствена што денес нема листа на чекање. Знаете не е добар ниту спор развој, но ниту брз развој на кардиохирургијата. Потребен е систем. Како што човек не може да скока години во својот развој, така и кардиохирургијата. Потребна е „километража„. Најважно е ова да се разбере. Исто така оние кои овде забрзано се движеја поради отсуството на кардиохирургија во земјата, сега треба да разберат дека треба да се вратат чекор назад. Затоа што се соочуваме со преголема агресивност.
Протоколи за валвулална хирургија, коронарна хирургија … Тоа што пред малку ви кажав … поради отсуството на кардиохирургија во Македонија интервентните кардиолози отидоа чекор, два напред затоа што немаше излез. Лугето умираа, а некои работи се работеа од очај. Се обидуваа да спасуваат животи.
Сега кога имате друга опција, кардихирургија, сега морате да се вратите чекор назад. Треба да се разбере дека ништо не се губи, и ништо посебно не се добива, сите работиме за на лугето и пациентите им биде подобро. Најлошо е кога докторите се суетни. И кога докторите мислат дека за се се најпаметни. Илјада пати кога сум оспорувал нешто што во суштина било спротивно од протоколите сум се соочил со озборувања дека сум суетен, а јас само сакам за секој пациент посебно да се процени што повеке му одговара – дали третман на инвазивна кардиолошка процедура, или третман – операција.
Инаку, денес, македонската кардиохирургија е веке влезена во европските трендови. Сега само треба да се работи, да се гради систем, и што е најважно, да се школуваат и обучуваат домашни кадри. Медицинскиот факултет, и делот за специјализации, сосема добро функционираат, и така треба да продолжи оваа работа. Но, после специјализациите, мора да постои свесност дека овие доктори сега мора да остават зад себе наследници што значи обуката мора да биде несебична и многу длабоко посветена.
Јас во моментов со себе имам тројца искусни доктори кои работат како и јас, и уште еден помлад тим на специјализанти кои веке знаат да оперираат кои имаат по стотина операции со мене, или со некој друг од тимот.
Во македонските кардиохирургии доста се инвестираше и сега тие кардиохирургии се техничко- технолошки добро опремени. Кај државната кардиохирургија има млади кадри, и им треба „километража„ … Ценам дека во Македонија се развива добра кардиохирургија.
Капитал: Кои се лидери во кардиохирургијата?
Николиќ: Лидери во светската кардиохирургија секогаш се држави богати со многу капитал. САД се лидери, а Европа оди напред со крупни чекори. Јас сум член и на американското, и на европското здружение на кардиохирурзи.
Ја знам визијата! Таа во моментов оди во правец на стандардизација и усогласување на протоколите. Ќе можете да бидете член на тие здруженија само ако се усогласите со протоколите. Правила и насоки. Значи таа и таа болест, како кога влегувате во авион … тоа, тоа, тоа по протокол се. Тогаш авионот знае дека може да полета, но знае и дека ке слета.
Сега се работи, и се усогласуваат и уредуваат тие критериуми. За година две ке имаме усогласености на протоколите за некои позиции, и ке се знае што може да се оперира, а што не може да се оперира. Што оди на интервентни кардиолошки процедури, а што оди на хирушки процедури. Мојот учител професор доктор Радовановиќ така ме учеше дека кардиологијата и интензивната нега во иднина ќе бидат една специјализација.
Јас сум првиот во поранешна Југославија кој работеше вметнување на аортни валвули преку транс катетерски пат, а тоа го работат кардиолози. Во светот и денеска се води дебата што работат хирурзите, а што кардиолозите. Важно е да се работи за добро на пациентите. И да се работи за оној на која треба, а не за оној на кој не треба. И мислам дека еден ден тоа ке биде една специјализација.
The post Мојот сон беше да станам врвен кардиохирург и нормален скромен човек кој им помага на пациентите кои му го довериле животот на дланка да ги избави од проблемите! Мислам дека станав таков човек! first appeared on КАПИТАЛ.
The post Мојот сон беше да станам врвен кардиохирург и нормален скромен човек кој им помага на пациентите кои му го довериле животот на дланка да ги избави од проблемите! Мислам дека станав таков човек! appeared first on КАПИТАЛ.