Под мотото „Биди своја – мода, солидарност и хуманост“, синоќа во „Грандис“ во Струмица се одржа хуманитарна модна ревија, која преку креативноста, женската солидарност и заедништвото обедини две благородни цели – поддршка на жените кои се соочуваат со рак на дојка и помош за матурантки од семејства во социјален ризик.

Настанот беше организиран од Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ при Општинскиот комитет во Струмица, а на модната писта беа претставени креации на Љупка Митрова, Елена Лука и Emily, кои со своето учество дадоа придонес во реализацијата на хуманитарната иницијатива.

Средствата собрани од ревијата се наменети за поддршка на жените кои се борат со рак на дојка, додека донираните фустани ќе им бидат подарени на матурантки од социјално загрозени семејства, со цел да им се овозможи матурската вечер да ја доживеат со радост, самодоверба и достоинство.

Пред присутните се обратија претседателката на Унијата на жени при ОК на ВМРО-ДПМНЕ Струмица, Пале Галева, претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, како и Рози Мицкоска, сопруга на премиерот Христијан Мицкоски.

Пале Галева во своето обраќање истакна дека идејата за настанот произлегла од желбата солидарноста да не остане само на зборови, туку да се претвори во конкретни дела и вистинска помош за оние на кои им е најпотребна.

Таа нагласи дека хуманоста, грижата за другите и меѓусебната поддршка се вредности што Унијата на жени ги негува низ годините, а токму оваа иницијатива претставува потврда за нивната практична примена.

„Вистинската сила не е во тоа да бидеме една над друга, туку една покрај друга. И токму таа порака сакаме да ја преточиме во дела“, порача Галева.

Според неа, секоја жена има сопствен животен пат и сопствени предизвици, но заедништвото и подготвеноста да се подаде рака се она што ги поврзува жените и им дава сила да продолжат понатаму.

Галева изрази гордост што Унијата на жени во Струмица покажува дека е организација која не само што обединува, туку и иницира и дејствува, испраќајќи порака дека поддршката на една жена или девојка може да биде поттик за позитивна промена во нејзиниот живот.

Претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, го истакна значењето на ваквите иницијативи во рамки на одбележувањето на „Розов Октомври“, месецот посветен на подигнување на свеста за ракот на дојка.

Таа посочи дека општинските комитети на Унијата на жени низ државата организирале различни настани, сите обединети околу заедничката цел – подигнување на свеста, споделување искуства и давање поддршка на жените кои се соочуваат со оваа болест, но и на оние кои успешно ја надминале.

Митрова нагласи дека струмичкиот настан има посебна димензија, бидејќи преку модата и креативниот израз овозможува хуманоста да добие поинаква форма.

Таа им се заблагодари на модните креаторки за нивниот придонес, како и на присутните за поддршката, изразувајќи задоволство од единството и ангажираноста на Унијата на жени во Струмица.

На присутните им се обрати и Рози Мицкоска, која ја поздрави хуманитарната иницијатива и ја нагласи важноста на достоинството, општествената улога и меѓусебната поддршка на жените.

Во своето обраќање таа истакна дека македонската жена низ историјата оставила длабок печат во семејството, општеството и развојот на државата, а нејзиното знаење, труд и способности и денес се неопходни за напредокот на Македонија.

Мицкоска посочи дека заедничка обврска е да се создава општество во кое гласот на жените ќе биде слушнат, нивното достоинство заштитено, а младите девојки ќе имаат можност да растат со самодоверба и сигурност во сопствените способности.

Особено ја нагласи потребата од навремена и сигурна поддршка за жените кои минуваат низ тешки животни предизвици, посочувајќи дека вистинското заедништво треба да ги надминува личните разлики.

„Македонија ја градиме преку односот што го имаме едни кон други“, порача Мицкоска, повикувајќи на поголема солидарност, почитување и личен придонес кон заедничкото добро.

Хуманитарната модна ревија „Биди своја“ покажа како модата и креативноста можат да бидат ставени во служба на хуманоста, испраќајќи порака дека убавината не се огледува само во изгледот, туку и во подготвеноста да се помогне.

Со поддршката за жените кои се борат со рак на дојка и со донирањето фустани за матурантките од семејства во социјален ризик, настанот обедини две хумани мисии, потсетувајќи дека и еден гест на солидарност може да донесе надеж, радост и поттик за подобра иднина. /Р.Ѓ./

ФОТОГАЛЕРИЈА

The post Мода со хумана мисија во Струмица: „Биди своја“ ги обедини жените во поддршка на болните од рак на дојка и матурантките од социјално загрозени семејства appeared first on Radio StrumicaNet.