
„Црна Гора низ својата историја е препознаена како гостопримлива земја, во која искрено се радуваме на секој добронамерен гостин… Како одговорна и кредибилна членка на НАТО, Црна Гора на сите свои гости им гарантира безбеден, сигурен и пријатен престој“, напиша црногорското министерство на мрежата „Х“.
Од таму додадоа дека нивен приоритет останува „ниту една споредна околност да не го засени успехот на Самитот и заедничките цели што ги промовираме со него“.
Потсетуваме, вчера група од 87 мажи, од кои дел се регистрирани како безбедносно интересни лица, со чартер-лет од Белград допатуваа во Црна Гора, каде што беа задржани во Тиват и не им беше дозволен влез во земјата. Авионот во кој се наоѓаа вчера попладне се врати во Белград.
Сето ова се случуваше во пресрет на Самитот Европска Унија-Западен Балкан, кој започнува денеска, а на кој би требало да присуствува и претседателот на Србија, Александар Вучиќ на кого БИА му советуваше да не патува во Тиват.